Канадскиот производител, своевремено гигант на сцената на паметни телефони, неодамна престана да произведува свои модели. Сега, тие постигнаа договор со кинескиот TCL, кој ќе биде задолжен за производството, поточно, кинезите ќе го лиценцираат името BlackBerry за нови смартфони со Android.

Договорот со TCL е очекуван. Alcatel, кој се наоѓа под капа на TCL, ги произведува DTEK50 и DTEK60 паметните телефони на BlackBerry, кои се всушност веќе постоечки модели на Alcatel, со лого на BlackBerry и посебен софтвер. Токму софтверот кој ќе се вградува во овие телефони ќе биде нивна главна одлика. Тој и натаму ќе биде Android, но BlackBerry ќе вградува неколку нивни апликации кои ја зголемуваат безбедноста на корисникот, како на пример таа за енкриптирани пораки.

Дали ова значи дека BlackBerry и TCL повторно ќе лансираат уред со хардверска тастатура? Јас лично очекувам да се случи тоа, особено поради тоа што ваквите уреди имаат и натаму голема фан база во Северна Америка. Сепак, таков телефон за останатите пазари тешко е дека ќе биде лансиран – корисниците тука се целосно навикнати на виртуелните тастатури, кои имаат многу повеќе можности, како на пример поддршка за најразлични јазици.

TCL инаку ќе биде задолжен за целосната дистрибуција на паметните телефони низ светот и според нивната развиена мрежа, може да очекуваме некои модели (со голем дисплеј на допир и без хардверска тастатура) да пристигнат и кај нас.

Извор: Engadget, Tech Times, Reuters

Претходна статијаОтпакување на новиот MacBook Pro со Touch Bar во iSTYLE
Следна статијаMicrosoft и Here Maps ја прошируваат соработката и кон „поврзани автомобили“