Откако премина на Android оперативниот систем, BlackBerry не доживеа особено голем раст во продажбата. Едноставно, светот е веќе преплавен со смартфони со Android, кои имаат и пониски цени и подобри спецификации од тие на BlackBerry.

Новиот Motion модел на канадскиот бренд скоро сигурно нема да придонесе за значително покачување на продажбата, бидејќи освен карактеристичниот BlackBerry дизајн, не донесува ништо ново, а нема ниту хардверска тастатура, која е заштитен знак на брендот.

BlackBerry дури и при претставувањето на смартфонот е тивок за спецификациите. На пример, тие нагласуваат дека е опремен со Snapdragon процесор, но не со точно кој модел, што скоро сигурно значи дека нема да биде со најмоќниот 835.

Дисплејот пак има големина од 5,5 инчи и Full HD резолуција, а процесорот е помогнат од 4 GB рам меморија, што е добра вест. Истото важи и за батеријата, која се чини е главен адут на овој смартфон и која има капацитет од 4.000 mAh, со поддршка за брзо полнење. Покрај сето ова, телефонот е IP67 отпорен на вода и прашина.

Спецификациите, надвор од податокот за процесорот кој не го знаеме, не се воопшто лоши и делуваат солидно како за смартфон од средно-високата класа.

Сепак, цената на BlackBerry Motion на Блискиот Исток, каде прво ќе почне да се продава изнесува 450 долари, што и не е малку за смартфон со такви карактеристики, особено што зад производството на телефонот стои TCL, кинеската компанија која е позната по поевтини продукти.

Извор: PhoneDog, Android Authority, CNET

Претходна статијаDell го најавува новиот, потенок Dell XPS 13
Следна статијаFacebook и Instagram воведуваат вкрстено споделување преку Stories