Asus претстави нов смартфон, дизајниран и конструиран ексклузивно за компанијата Verizon. Се работи за уред со одлични спецификации, но сепак на некој начин далеку од предводниците во својата категорија како Galaxy Note 8 или пак LG V30.

Уредот именуван ZenFone V, поседува Full HD AMOLED екран со дијагонален пресек од 5,2 инчи, напојуван од Snapdragon 820 чип. Поседува 4 GB RAM меморија, како и 32 GB регуларна меморија, која може да се надополни преку microSD картичка (до максимум од 256 GB).

Што се однесува до камерата, истата е опремена со најсовремените технологии кои можат да се најдат кај конкурентните уреди. Меѓу нив се наоѓа и она што во Asus го нарекуваат TriTech, односно комбинација на ласер, следење на движење и следење на објекти, што ѝ овозможува на камерата од 32 мегапиксели да фокусира за само 0,03 секунди.

Телефонот е напојуван од батерија со капацитет од 3.000 mAh, со опција за брзо полнење, која овозможува полнење до 60% за време помало од 40 минути. Помеѓу останатото, вредно е да се спомене дека уредот има и читач за отисоци на прсти, лоциран на предната страна, како и селфи-камера од 8 мегапиксели.

Цената на уредот изнесува 384 американски долари, иако сѐ уште не е достапен за купувачите, меѓутоа според информациите од официјалната страна на Verizon, ќе биде достапен „наскоро“.

Извори: Android Authority, TheVerge

Претходна статијаСатја Надела од Microsoft препорачува 7 книги кои морате да ги прочитате
Следна статијаСоларни панели кои ладат наместо да загреваат