windows-10-assistive

Минатиот петок, поточно 29-ти јули, беше последниот ден кога корисниците на Windows 7 или понов можеа да ја искористат понудата за бесплатна надградба на Windows 10. Отсега секој којшто ќе сака да го користи овој оперативен систем ќе треба да ја плати целосната лиценца или да купи компјутер кој веќе доаѓа со Windows 10.

Многумина се прашуваа и веруваа дека Microsoft сепак ќе направи некакво продолжување на понудата, односно нема да остави корисниците веќе да немаат никаков начин да го инсталираат Windows 10 без да мора да платат за лиценца.

Изгледа дека тоа на крај испадна точно, па сите корисници кои ги користат таканаречените Assistive Technologies на својот компјутер, односно имаат проблем со видот, слухот и слично, ќе може да го надградат својот систем на Windows 10 бесплатно.

За оваа цел направена е посебна страна преку која корисниците ќе може да го надградат својот систем, а како што е истакнато, моментално не е поставен рок до кога оваа понуда ќе трае.

Она што е интересно е дека Microsoft нема да прави одредена верификација на корисниците, односно нема да проверува дали тие навистина ги користат функциите на оперативниот систем наменети за лицата со посебни потреби. Ова ја отвора можноста да секој којшто ќе сака да ја инсталира надградбата, а се нема решено до рокот кој истече минатата недела, тоа сепак ќе може да го направи.

Процесот на надградба е прилично едноставен. На следната страна, каде на кратко се објаснува понудата, се што треба е да се притисне на копчето „Надгради сега“, со што ќе се започне со процедурата.

Дали ова е начин Microsoft неофицијално на корисниците да им понуди „дупка“ во правилата за надградба или сепак ќе воведе некаков начин на проверка на корисниците, ќе видиме. Сепак, доколку се земе во предвид потребата на компанијата Windows 10 да биде успешен, не е чудо да овој начин остане достапен за сите корисници.

Извор: The Verge, LifeHacker

Претходна статијаMicrosoft отпушта дополнителни 2.850 вработени
Следна статијаSamsungOne – нов фонт кој компанијата ќе го користи во своите производи
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.