Windows 10, најновата верзија од овој познат оперативен систем од Microsoft беше претставена минатата недела. Како што можевте да прочитате, оваа верзија го враќа акцентот на десктоп околината за корисниците на маус и тастатура, а вклучува и неколку други нови функции. Финалната верзија за корисниците треба да биде достапна после Април идната година, кога се одржува Build конференцијата. До тогаш на корисниците, поточно програмерите и понапредните корисници, им е достапна тест верзија наречена Technical Preview. Оваа тест верзија доаѓа како дел од новата Windows Insider програма која што вклучува можност за праќање на фидбек до Microsoft за скоро секоја ситница од оперативниот систем, преку посебна апликација која доаѓа веќе инсталирана.
За да ја симнете оваа верзија, потребно е да се регистрирате за Windows Insider програмата, каде што се достапни посебни Услови за користење и Политика на приватност. Се разбира повеќето од нас не ја ни читаме содржината на овие документи, па само притискаме Accept за да можеме да продолжиме со саканата работа. Меѓутоа Политиката за приватност за Windows 10 Technical Preview вклучува неколку работи кои што можеби не би ви се допаднале.
Microsoft со согласувањето на овие услови при користење на системот, си овозможува неколку права кои што обично не се дел од условите на обичните верзии, барем се надеваме дека не се. Тие права ги вклучуваат следните работи:
- Кога ќе инсталирате програма, Microsoft може да собере информации за вашиот уред и апликациите кои што ги користите и да ги користи со цел да ја одреди и подобри компатибилноста
- Кога користите функција за внес преку гласовна команда, Microsoft може да собере информации за гласот и да ги користи со цел да го подобри процесирањето на говор
- Кога ќе отворите фајл, Microsoft може да собере информации за тој фајл, апликацијата која што е користена за отворање на фајлот и колку време е потребно за негово отворање и да ги користи тие информации за подобрување на перформансите
- Кога ќе внесете текст, Microsoft може да ги собере внесените карактери и да ги користи за подобрување на autocomplete и spellcheck функцијата
Со други зборови, се што правите преку оваа верзија од оперативниот систем, Microsoft собира информации за таа активност. Прашањето дали ова е во ред, со оглед дека се работи за тест верзија врз основа на која што се планира градењето на финалната верзија, останува на корисниците да одлучат.
Сепак, како што истакнуваат од порталот Winbeta, ова собирање на информации ќе биде дел само од Technical Preview верзијата и нема да остане кога ќе биде пуштена финалната за сите корисници.
Извор: The Hacker News, Winbeta, Win10 PP