modern-classic-poster-2

Помина нешто повеќе од 1 година од претставувањето на новиот Vivaldi прелистувач, тогаш во тест верзија, а првата бета верзија стана достапна десетина месеци подоцна. Од оваа недела развојот на прелистувачот е завршен и достапна е првата официјална верзија, односно Vivaldi 1.0.

Инаку, зад развојот на Vivaldi стои поранешниот основач и директор на Opera, кој реши да оди во друг правец на развој по одлуката Opera да продолжи да се развива на основа на Chromium во поедноставна верзија од дотогашната.

Vivaldi исто така е направен на основа на Chromium, но во него се вклучени многу повеќе функции од другите прелистувачи. Овој прелистувач се обидува да го продолжи концептот кој беше започнат со Opera, а со тоа да ги привлече „напредните“ корисници кои сакаат да имаат што повеќе можност за прилагодување на својот прелистувач.

vivaldi-smart

Vivaldi може да се каже дека има спротивен концепт од останатите кои се повеќе се трудат да ги поедностават прелистувачите, а акцентот да го пренесат кон веб страните.

Карактеристично за прелистувачот е вклучувањето на панел кој стандардно е поставен на левата страна од корисничкиот интерфејс, на којшто може да се гледаат омилените страни, симнатите фајлови, како и белешките кои се дел од функциите.

Интересно, во панелот може да се додадат и дополнителни таканаречени веб панели кои можат да бидат било која веб страна. Со тоа се добива можност да две веб страни се вклучат една до друга, со што се овозможува паралелно сурфање, на пример на Twitter и линковите кои што ги отворате.

vivaldi-web-panel

Vivaldi нуди можност за прилагодување на корисничкиот интерфејс на неколку начини, а табовите може да ги добиваат боите кои преовладуваат на веб страната којашто е отворена.

Исто така, за корисниците кои отвораат поголем број на табови, тука е можноста за нивно редење во група, односно во таканаречено купче со поставување еден врз друг. Со тоа се намалува визуелно бројката на отворени табови и нивното прегледување станува полесно и организирано.

Листата на функции и можност за прилагодување на прелистувачот е голема, а доколку и тоа не е доволно, тука е Chrome продавницата за додатоци која е достапна со оглед на Chromium основата на прелистувачот.

Vivaldi 1.0 е достапен за Windows, Linux и OS X, а можете да го симнете преку официјалната страна на следниот линк.

Извор: Vivaldi, TNW, ARSTechnica

Претходна статијаКако да реализирате кампања за групно финансирање ? Бесплатен AllWeb meetup со Хрвоје Хафнер
Следна статијаWhatsApp воведе end-to-end енкрипција за сите свои корисници
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.