Стефанија Тенекеџиева

Викендов се одржа младинската конференција за социјален активизам – Engage. Интересни гости, уште поинтересни говори. Како размислуваат младите луѓе? Колку ни се потребни вакви настани? Како Engage придонесува за промени во општеството? За сите овие прашања, како и за тоа како помина настанот, зборуваме со Стефанија Тенекеџиева, координатор во РадиоМОФ. Прочитајте 👇

Што е Engage?

ENGAGE е конференција за социјален активизам која Младинскиот образовен форум и Радио МОФ годинава ја организираа по седми пат. Идејата за оваа конференција е да поттикне дискусија за социо-општествени теми, како да ги информира и вмрежи граѓаните со различни идеи и светоглед. Целта ни е да охрабриме поголема слобода на говор, ангажирана уметност, дигитален активизам, користење на технологија за демократија и послободен јавен дискурс, уметност во јавен простор и секакви други слободарски, младински и активистички иницијативи.

Низ годините сме имале богата програма и шарен состав на луѓе, како Биргита Јонсдотир (поетеса, активистка, анархистка и трократна пратеничка во исландскиот парламент од Пиратската партија – Исланд), Иван Новак (основач на бендот „Лајбах“ – Словенија), Ирина Гордиенко, (новинарка на весникот Новаја Газета која го истражуваше прогонот на ЛГБТ лицата во Чеченија – Русија),  Ксенија Радовановиќ (Neda(vi)mo Beograd – Србија),  Питер Ван Хојте (политичар – Белгија), Питер Сунде (The Pirate Bay – Финска/Норвешка), Ленче Ристоска од СЈО, Томислав Кежаровски и многу други.

Како се разликува конференцијата годинава во однос на минатите години?

Промена беше локацијата – годинава ENGAGE се одржуваше во Музејот на современа уметност, за мене најубавата зграда во цело Скопје. За изборот за локација добивме само убави зборови. Место вообичаената конференција во затворен, темен простор, имавме активистички излет на Кале.

Engage

Каква порака праќа настанот за младите и како придонесува за актуелизирање на општествените проблеми?

Не би можела да кажам како младите го перцепираат ENGAGE, но сакам да верувам дека ги поттикнува да преземаат акција за нештата во општеството кои им пречат и да ги споделуваат своите идеи со другите. А, во поглед на актуелизирање на проблемите, сметам дека нашето општество е сè уште инертно и затворено за големи промени и идеи, па секоја платформа каде луѓето можат да зборуваат, учат и запознаваат нови луѓе придонесува за поотворено општество.

Колку и се потребни вакви настани во МК и дали ги има во доволен број?

Секогаш се потребни и верувам дека никогаш не може да ги има премногу. Освен ако треба да ги организираш, тогаш може да биде проблем

Кои се импресиите по завршување на настанот?

Од моите впечатоци, а и критиките кои ги добивме од луѓето кои ја посетија конференцијата, се чини сè поминало одлично. Настанот беше одлично посетен, публиката поставуваше прашања и не ги штедеше аплаузите кога презентацијата беше добра. Мислам дека завршивме добра работа, судејќи по дискусиите кои се отворија. Не престануваат и убавите зборови за настапите на Импров група и Roma Rock School, кои беа забавен дел од конференцијата, како фузија од активизам и уметност.

Engage

Кои се идните планови?

Како координаторка, ќе зборувам во име на Радио МОФ и ќе кажам дека ние ќе продолжиме да овозможуваме простор за проток на информации, идеи и размислувања за младите и луѓето кои инаку не би добиле место да се изразат. Ние сме радио и веб страница од младите за младите, и тоа остануваме. Секако, уште отсега имаме големи амбиции за ENGAGE 2019, и ако сè оди како што посакуваме и тие идеи ги преточиме во реалност, ќе може да очекувате уште поинтересен и подинамичен репертоар наредната година.

Што имате да им порачате на читателите на Смартпортал?

Да се информираат, да дискутираат, да размислуваат критички, да запознаваат нови луѓе кои можеби им се чинат поразлични од нив и од кои ќе научат нешто ново, да го кажуваат тоа што го мислат, дури и ако мислат дека никој нема да ги сфати. Да бидат ангажирани.