Технологијата за OLED екрани кои се превиткуваат е стигната конечно до доволно ниво за да може веќе да влезе во производство. Тоа го гледаме од најавените модели на Samsung и Huawei, но не можам да не го дадам како пример и телевизорот којшто се „намотува“ од LG.

Иако се „довршуваат“ уште некои проблеми кои се јавуваат, до идната година ваквите уреди ќе станат нормални на пазарот, односно се очекува дека 2020 ќе биде нивната година.

Lenovo на нивната Accelerate 2019 конференција го презентираа, односно прикажаа, нивниот демо уред од лаптоп којшто има екран кој се превиткува.

Лаптопот се’ уште нема име, иако ќе биде некаде во ThinkPad X1 серијата сместен, нема цена, дата на продажба, како и информации за неговите карактеристики.

Сепак, тоа што не интересира е екранот, па останатите карактеристики и не се толку важни, барем на во оваа демо фаза.

Превиткувањето на екранот се прави како книга, со што се добива многу помал уред кој лесно може да се пренесе, кој при отворање е со големина од 13 инчи, а се најавува и 2K резолуција, како и можност за допир и користење на пенкалце.

Иако од Lenovo точно нагласуваат дека ова е лаптоп, поради неговите компоненти, како и Windows 10 оперативниот систем, сепак, фактот што нема тастатура, може да го смести во категорија и на таблет компјутер.

Не е до крај јасно од видеото кое е достапно, а и објаснувањето од страна на Lenovo, за тоа дали екранот може да се превиткува во двата правци, односно освен за затворање и лесно пренесување, дали може да се користи и како помал таблет компјутер.

Како и да е, Lenovo се приклучува на останатите производители во револуцијата на преносните уреди кои ќе можат да ја задржат својата големина при работа, но многу полесно да се пренесуваат кога тоа е потребно.

Од Lenovo за изработка на овој уред имаат соработувано со три компании, односно со Intel за процесорот којшто уште не е најавен, со Microsoft за прилагодување на корисничкото искуство, а екранот е изработен од LG.

Оставете коментар