Петар Ниновски, Brainster

Претприемач, предавач, ентузијаст. Петар е дечкото кој се реши да остави добро платена работа и да основа своја компанија. Веќе три години го води Brainster, иновативна платформа за едукација. За Brainster ќе каже дека е училиштето на иднината. Зошто се одлучил на ваков чекор? Што е тоа што Brainster го нуди, а им недостига на останатите едукативни центри? Во која насока ќе се движи образованието? Прочитајте во прилог 👇

1. Основач си на Brainster. Што е клучно да се решиш да започнеш свој бизнис во Македонија? Од морето на идеи избра да работиш во полето на образование. Зошто токму оваа област?

Според мене постојат само две причини кои можат да те натераат да започнеш бизнис, а тоа се Inspiration or Desperation, односно да си инспириран од некој и да те мотивира да започнеш бизнис или пак да си очаен или исфрустриран од нешто.

Во мојот случај, фрустрација од образованието, формално и неформално кое се сведува само на репродукција на факти, а не на практични вештини кои ќе не’ подготват за тоа што носи иднината. Тоа беше причината која ме натера да напуштам работа од голема интернационална компанија на висока позиција и добра плата и да започнам со Brainster.

Сфатив дека вештините како програмирање, дизајн и дигитален маркетинг се вештини кои сите ние мораме да ги знаеме, инаку сме во опасност многу брзо да останеме без работа. Имав неколку опции – уште еден факултет, магистерски студии или неформално образование. Ниту едно од овие решенија немаше да ме подготват за вештините кои се најпотребни и решив да го започнам училиштето на иднината, Brainster.

Brainster е иновативна компанија каде што луѓето учат практични вештини за програмирање, дизајн и маркетинг преку работа на реални проекти, за потоа да ги поврземе учесниците на програмите со компаниите кои имаат потреба од таленти. Многу едноставно, ако сакаш да научиш да програмираш преку 30 неделна програма учиш со изработување на 3 реални апликации.

Од почетоците на Brainster во 2015 година, па сe’ до денес работите се случуваа многу брзо: го лансиравме продуктот, започнавме со првите курсеви, тимот почна да расте, започнавме со академии и нови програми. Преку 5000 луѓе веќе поминаа низ нашите програми, 3 пати се селевме во поголеми канцеларии, дојдовме до бројка од 50+ компании кои вработуваат наши учесници, почнуваме со програми надвор од Македонија, лансираме продукти кои ги користат многу луѓе итн итн итн.

2. Кои се вашите позначајни проекти и на што работите моментално?

Во претходниот период лансиравме повеќе продукти кои се изработени од нашите студенти. Има неколку причини зошто ги изработуваме продуктите:

  • луѓето учат преку изработка на реални апликации
  • при завршувањето на програмата веќе имаш портфолио со кое можеш да се пофалиш пред работодавците
  • придонесуваш за заедницата

Петар Ниновски, Brainster

Не би сакал да имам омилени проекти, меѓутоа ќе споделам неколку од нив:

Сега во моментов заедно со студентите работиме на вкупно 10-тина продукти од кои би ги издвоил проектот за Финансиска едукација за деца, каде преку игра ќе ги научиме децата за финансиите, рати, камати, инвестиции, заштеди итн. Тука е и проектот Children and the universe – платформа каде преку игра децата ќе учат за планетите.

3. Каков е македонскиот стартап систем? Што е клучот за да се изгради успешна стартап приказна во Македонија?

Тука ќе бидам искрен и може да боли. Многу се зборува, а малку се прави. Има луѓе кои обожаваат да зборуваат за нивните идеи, но недостасува реализација. Ако се споредиме со Бугарија, Србија, Албанија ние сме многу назад. Не зборувам за поддршка од институциите, бидејќи не сметам дека на претприемачите им е потребна поддршка, туку зборувам за mindset – от на луѓето и нивните креативни изговори зошто не ги реализираат идеите (некои од изговорите се толку креативни, што доколку тие луѓе посветеле толку време на реализација наместо на изговори ќе направеле многу досега). Од друга страна има и луѓе кои едноставно не застануваат, не се изморуваат, постојано се In The Zone и од нив навистина се инспирирам.

4. Дали би можел да ни ги откриеш вашите идни планови?

Се разбира. Тоа што го планираме е да воведеме нови програми од септември, како на пример Data Science со кое ќе бидеме меѓу првите во Европа со ваква програма, проширување надвор од Македонија, многу нови проекти, проширување на тимот, соработка со нови партнери за вработување итн.

5. Што имаш да им порачаш на читателите на Смартпортал?

Неколку работи:

  • Земете го образованието во ваши раце, научете да програмирате, научете UX дизајн, научете за бихевиорална психологија, играјте со податоци, бидете љубопитни
  • Правете работи кои ви изгледаат тешко да ги направите
  • Престанете со изговори
  • Минимум 1 книга месечно
  • Реализација, Реализација, Реализација
  • Избегнувајте shortcuts
  • Размислувјате на вредноста што ќе ја донесе вашиот бизнис/проект