Во некои од изминатите написи пишувавме за тоа како ЕУ на различни начини се обидува да ја заузда доминацијата на американските компании во технолошкиот сектор, најчесто со став дека истото го прават од причина што сакаат на секаков начин да надоместат за својот неквалитет. Ова предизвика гнев кај некои технолошки гиганти, како на пример Гугл, кој возврати на овие напади со тоа што повлече делови од својот бизнис најпрво од Шпанија, а потоа и од Русија.

Неблагодарно е да се тврди дека неуспехот на европските технолошки компании комплетно се должи на нивната недоветност во споредба со американските, иако е јасно дека тие се светските лидери во овој сектор. Гугл држи 90 проценти од светскиот пазар на интернет пребарувачи. Оттаму, не е изненадувачки кога се обидува да „турка“ свои производи и услуги и да ги поттикнува корисниците истите редовно да ги употребуваат, на сметка на услугите на другите конкуренти.

Претседателот на САД, Барак Обама, во едно интервју – кое можете да го погледнете во целост подолу (целиот транскрипт можете да го пронајдете овде) – го продлабочи и така силниот антагонизам помеѓу САД и ЕУ кога станува збор за сајбер прашања. Тој ги искритикува европските компании дека се водени од комерцијални причини во борбата за поголем удел на ИТ пазарот:

Во одбрана на Гугл и Фејсбук, понекогаш европскиот одговор е повеќе комерцијално управуван од сè останато. Како што веќе реков, постојат некои земји како Германија, кои со оглед на нивната историја со Штази, се многу чувствителни кон овие прашања. Но, понекогаш нивните добавувачи – нивните даватели на услуги кои, знаете, не можат да се натпреваруваат со нашите – во суштина се обидуваат да постават одредени блокади на патиштата за нашите компании да не можат таму да работат ефективно.

Тој понатаму се осврна на доминацијата на американските компании во градењето и ширењето на самиот Интернет, во споредба со уделот на европските во градењето на инфраструктурата и експанзијата на интернетот во мрежата која денес сита ја познаваме:

Ние го доминиравме интернеотт. Наши компании го имаат создадено, го имаат проширено, усовршено на начини во кои тие не можат да се натпреваруваат.

Енкрипција

Интересен е ставот на Обама во однос на популаризацијата на силна енкрипција. Интересен, во смисла на тоа што е идентичен со ставот на повеќе владини лидери ширум светот кои сметаат дека енкрипцијата претставува опасност за нашите деца. Обама не оди дотаму во својата аргументација, но сепак се насетува непријатноста која тој ја чувствува поради фактот што технолошките компании вградија систем на енкрицпија кој и самите тие не можат да го пробијат, создавајќи главоболки за разузнавачките и полициските служби:

Проблемот овде е што – делумно како резултат на пазарната побарувачка, делумно како резултат на легитимните грижи за приватноста на потрошувачите  – технологиите може да се вградат до точка каде што … Компанијата вели: “За жал, ние едноставно не можеме да ги извлечеме (документите). Системот е толку затворен што иако Владата има легитимно барање, технолошки не можеме да го сториме тоа. “

Да бидеме фер, во интервјуто Обама исто така спомена дека ја цени енкрипцијата и дека секој граѓанин посакува заштита на своите податоци додека тргува онлајн, и очекува дека приватните разговори ќе останат приватни. Сепак, оваа изјава треба да се земе со доза на здрав сомнеж, особено после спектакуларното откритие за степенот до кој НСА ги шпионирала американските и европските граѓани.

The Verge одлично посочуваат на тоа што Обама заборава да го спомене во интервјуто, а тоа е дека како европските, така и американските компании ги користат напорите на европските законодавци да ја засилат својата доминантност во однос на нивните домашни конкуренти:

Тоа што Обама сепак не успеа да го спомене, е тоа дека и европските и американските компании ја искористија во своја полза подготвеноста на ЕУ да ги регулира интернет компаниите. Во 2007 година Опера, која има седиште во Норвешка, поднесе антимонополска жалба против Мајкрософт, а Google подоцна соработуваше со инспекторите на ЕУ во поврзан случај кој заврши во 2013 година. Истата година, Microsoft и Oracle се здружија со голем број на компании од Европа и САД за да го создадат “Fairsearch” – тело кое силно лобира против доминацијата на Google. Жалбите не престануваат, а португалскиот app-store Aptoide поднесе антимонополска жалба против Гугл во јули минатата година.

На крајот се се сведува на тоа кој посилно ќе лобира кај тие што имаат моќ да наметнуваат законски решенија. А тука, и европските и американските компании „играат“ на исто тло.

Претходна статијаНаучници ја тестираа издржливоста на ДНК за складирање информации и е неверојатна
Следна статијаПреку вметнување на човечка ДНК научниците успеале да им го зголемат мозокот на глувци