Пред неколку месеци пишувавме за научници кои успеаа да сместат 700 терабајти податоци на еден грам ДНК. Со најновите техники на секвенцирање и уредување на ДНК научниците имаат начин како да ги користат базните парови во ДНК како бинарен систем, како 1 и 0. ДНК особено ветува како начин за долготрајно сместување на податоци поради тоа што зафаќа исклучуво малку место, се витка околу себе, па практично пружа еден вид на хардверска компресија, може да ги поправа своите грешки и е прилично издржлива.
Токму последното, нејзината издржливост како средство за долготрајно зачувување на податоци, беше ставена на тест. Еден тим на научници од ETH Zurich предводен од Роберт Грас го извршиле ова тестирање преку сместување на информации во ДНК (поточно Федералната уредба на Швајцарија од 1291 г., и „Методите на механичките теореми“ од Архимед, што отприлика фаќа 83 килобајти податоци), а потоа сместување на ваквата ДНК во стакло. Потоа стаклото го ставиле на температура од 60 до 70 степени целзиусови цел еден месец, за да симулираат услови кои веројатно би се појавиле кога вакви податоци навистина би биле сместени со цел да се зачуваат на долг рок (тие практично симулирале ентропија). Потоа ги прочитале информациите на тестираната ДНК преку разни техники на секвенцирање.
Според нив, ДНК испаднала како исклучуво робустна и отпорна на оштетувања. Нивната пресметка укажува на тоа дека ако ДНК е сместена на -18 степени целзиусови би можела да ги задржи податоците повеќе од милион години. Тие развиле и алгоритам за откривање и поправање на грешките кој се базира на Рид-Соломоновиот алгоритам кој се користи при праќање и примање на сигнали. Научниците би сакале да ги зачуваат документите од Програмата за светска меморија на УНЕСКО, како и статиите од Википедија.
Кога ја откривме дезоксирибонуклеинската киселина, сметавме дека таа е начин како организмите да се размножуваат понатаму и да ги извршуваат своите редовни функции. Никој тогаш не претпоставуваше дека еден ден таа ќе може да се искористи за сместување податоци, и тоа толку големи количества и толку безбедно. Покрај добрите употреби на ДНК можеме лесно да си замислиме и еден центар на некоја безбедносна агенција кој го следи целиот Интернет и ги сместува апсолутно сите податоци кои поминуваат низ него, бидејќи на просторот од еден чип за флеш меморија ќе може да го смести целиот светски сообраќај од цел месец. Тоа е интересна тема за размислување, ќе се согласите.
Извор: IFLScience