Нашиот мозок е прекрасна машина. На моменти и за некои задачи е многу неефикасен и неспособен (на пример, за вадење кубен корен од некој 10-цифрен број), а на други моменти е засега супериорен во однос на машинската интелигенција (на пример, во препознавање лица, патеки, вртење на објекти во мислите, препознавање говор и слично). Ваквите негови способности доаѓаат од неговите карактеристики на паралелизација и модуларност.
Имено, низ еволуцијата ние имаме развиено различни модули кои се специјализирани и се бават со одредени задачи (на пример, модул за толкување звуци кој се дели на модул за детекција на ритам и за висина на тон; модул за толкување визуелни стимули кој ги дели на основни форми, бои, 3Д репрезентација и така натаму; модул за памтење лица; модул за долготрајна меморија; и слично). Овие модули работат паралелно и постојано. Еволуцијата не` „наградила“ со поголем мозок, но не поради тоа што ние сме одбрани од бог да бидеме негова слика на Земјата, туку поради потребата да имаме поголем мозок со понапредни модули.
Научниците во експерименти со глувци утврдија еден сегмент од човековата ДНК кој веројатно е одговорен за нашиот поголем мозок. Овој сегмент се вика HARE5 и спаѓа во таканаречените „унапредувачи/овозможувачи“ (enhancers) парчиња од генетскиот код. Тие се одговорни за да помогнат во транскрипцијата на други делови на ДНК. Кога научниците го вметнале човековиот HARE5 во ембриони на глувци, нивниот мозок почнал да се развива многу повеќе и станал поголем. Тие вметнале и HARE5 од шимпанза кој е многу сличен со човековиот, при што разликата била интересна – глувците со човечки HARE5 имале 12% поголем мозок при крајот на .
HARE5 го регулира создавањето на невронски клетки-предци кои се создаваат во неокортексот (мозочната кора). Тие се одговорните за нашиот огромен мозок во однос на телото, и тие продолжуваат да бидат активни и после раѓањето (со оглед на тоа што луѓето развиле одложено мозочно созревање после раѓањето за да може да немаат проблем при раѓање).