Strava е фитнес апликација преку која корисниците можат да ги регистираат своите физички активности (трчање, возење велосипед итн.). Како и некои други апликации, и со оваа можете да ја зачувате маршрутата која сте ја истрчале и да ја погледнете подоцна на мапа. Звучи едноставно и безопасно.

Меѓутоа, како што посочи Твитер корисникот Nathan Ruser, глобалната топлотна мапа на активност која неодамна ја објави Strava ги прикажува локациите на повеќе воени бази на САД низ светот. Тој исто така посочи дека дел од осветлените активности веројатно ги обележуваат маршрутите на џогирање на некои од американските војници.

Според Strava, мапата е креирана користејќи повеќе од милијарда снимени активности од корисниците (и над 13 трилиони искористени GPS точки). Тоа и не е некоја страшно голема бројка со оглед на бројот на оние кои ја користат апликацијата (27 милиони регистрирани корисници). Покрај тоа, истата е компатибилна со фитнес тракери и паметни часовници, што го олеснува нејзиното користење.

Но, ако се зумира на некои од воените зони низ светот како оние во Ирак и Сирија, можат да се забележат локациите на американски воени бази. Сосема очекувано, во овие зони не постои голема фитнес активност (на луѓето таму не им е до следење на својата физичка активност). Па така, тие зони не се осветлени во топлотната мапа која ја објави Strava.

Сепак, постојат мали зони каде што е регистрирана активност, и токму тие се зоните каде што се наоѓаат воените бази. Односно, осветлените точки ја обележуваат физичката активност на тамошните војници. Она што ги загрижува воените експерти е тоа што апликацијата може да оддаде и шеми на движење на војниците во овие американски бази и да им даде вредни информации на нивните непријатели.

Оттаму, не изненадува тоа што војската на САД веќе почна да ги истражува можните последици од објавувањето на вакви мапи. Она што е интересно е тоа дека војниците имаат дозвола да користат фитнес тракери и апликации за следење на физичка активност. Но, тоа е пропуст на оние кои ги создаваат правилата на однесување во тие бази, а не е одговорност на оние кои ги креирале самите апликации.

Русите не се многу подобри во прикривањето на својата физичка активност. Периметарот на главната база на Русија во Сирија e исто така очигледно видлив, како и маршрутите на некои од нивните патроли.

Живееме во доба во која нарушувањето на приватноста е прелесно, земајќи ги предвид напредоците во технологијата. Од друга страна, ситуациите како оваа покажуваат дека никој нема да биде поштеден од последиците кои ги има технологијата кон приватноста.

Претходна статијаLambda School не наплаќа за својата едукација додека не најдете работа од барем 50.000 долари
Следна статијаСега е возможно – со Fake App можете да креирате лажни порно видеа