Contagion е режија на Стивен Содерберг, што објаснува и како се собрал таков кастинг на едно место. Мет Дејмон, Гвинет Палтроу, Кејт Винслет, Лоренс Фишбурн, Џад Ло, ол-стар фаци во секоја сцена. 

Не треба да нагласувам зошто филмов е језив за гледање. Она што се случува во Contagion е копија на она што се случува денес во реалниот свет. Со тоа што таму последиците се (на глобално ниво) драстично поголеми и посмртоносни од реалноста во која живееме. Веројатно кога излегол филмов пред десет години не бил сфаќан толку многу сериозно. Мене ми беше како предвидување на иднината. Од терминологијата што ја користат, пренесувањето на вирусот, итн. можеа само да залепат „КОВИД-19“ на епруветите и филмов ќе беше навремен.

Ако направиш суперсет со ТЕД говорот на Бил Гејтс од пред неколку години, ќе видиш дека има луѓе што сепак можеле да ја предвидат иднината. Во Contagion, ликот на Гвинет Палтроу е жената што е „пациент нула“ на вирусот кој од Кина го пренесува во САД, и кој после се шири кон милиони луѓе низ цел свет. Потоа, нормално, следи карантин и изолација, се додека не се развие вакцина што може да го сузбие вирусот. Во меѓувреме, во недостиг на плацови на гробиштата, гледаме како се импровизира со погребување на жртвите од вирусот по паркови и стадиони. Истовремено, се шират дезинформации дека вирусот е вештачки создаден во лабораторија, дека владата заговара за вакцинирање заедно со фармацевтските компании, поради профит итн. Сето тоа го сведочиме и денес („Бил Гејц“).

Филмот изобилува со мрачни и потресителни сцени, и цело време се труди да покаже дека има опасности во светот за кои не сме свесни дека постојат, односно ги сфаќаме здраво за готово. Не знам што му недостасува од филмски аспект, не можам да го одвојам од тоа што се случува денес, па повеќе ми делуваше на документарец. Се на се, ова е одличен филм и знае поштено да те исплаши за да припазиш на своето здравје. Ако си премногу релаксиран околу ковид деновиве, ти треба филмов. За оние помалку среќните, што во моментов поминуваат низ тешки моменти поради вирусот, можеби и не е време да го гледаат филмов.

Така што, Contagion ме остава во недоумица. На крајот, сам одлучи дали ќе го гледаш.

Претходна статијаSamsung пренаменува стари Galaxy телефони за користење во медицински цели
Следна статијаHMD Global претстави шест нови Nokia модели од најниската до средната класа