Фото од Gerd Altmann од Pixabay

Менталитетот на раст, или growth mindset е екстремно популарен тренд во САД. Таквиот начин на размислување беше популаризиран од психологот од Стенфорд, Карол Двек (Carol Dweck). Таа ја напиша и Мајндсет, исто така популарна книга која го опишува баш овој концепт.

Основата на „growth“ мајндсетот е дека нашите верувања за себеси влијаат на нашите способности. Двек нашла дека луѓето што верувале дека можат да се подобрат стварно се подобриле. Тие што не го верувале тоа, не станале подобри од претходно.

Но не само тоа. Според оваа теорија на размислување, студентите со менталитет на „раст“ имаат тенденција да демонстрираат поадаптивни однесувања и карактер, и се поотпорни на последиците од неуспех. Спротивно на тоа, учениците со „фиксен“ менталитет имаат поголема веројатност да избегнуваат тешки задачи и претпоставуваат дека нивниот неуспех се должи на неспособност, што резултира во полоши оценки и квалитет на нивните студии.

Двек изгради кариера врз грбот на овој феномен. Нејзинот ТЕД говор има милионска гледаност. Бизнис заедницата практично се лигави на вакви нови трендови и фрла милиони во надеж дека ќе им донесе напредок во работата. И сето тоа е во ред. Не гледам ништо лошо да веруваш во тоа дека можеш да бидеш подобар. Напротив, ако не го веруваш тоа, се саботираш себеси.

Но, тоа не спречи тим на истражувачи од Универзитетот Мичиген да не депримираат со нивното ново истражување. Тие покажуваат дека ваквите „мајндсет“ програми баш и не влијаат позитивно на перформансите на учениците во средно училиште. Истражувањето било спроведено врз речиси 400.000 ученици, што е значителен примерок кој не може лесно да се отфрли.

Зошто е ова важно, велиш? Важно е заради тоа што на „growth“ мајндсет програми се фрлаат милиони долари секоја година низ училиштата во САД. Најважниот заклучок од ова истражување е тоа дека учениците се покажале подобро на училиште кога програмите за „growth“ мајндсет не направиле промена во нивното размислување.

И што сега?

Важно е да се нагласи една работа. Ова истражување не ја фрла во вода цела теорија на менталитетот на раст. Можеби таквите програми не се најдобро решение за подобри оценки и перформанс во средно школо, но да веруваш дека можеш да се подобриш може драстично да ти помогне во животот. Односно, да престанеш да веруваш дека каков и да си денес, таков ќе бидеш низ целиот живот.

Тоа е рецепт за неуспех. Во меѓувреме, не летајте по секое ново нешто што ќе го прочитате онлајн.

Претходна статијаНово истражување: Менталното здравје на младите во време на дигитализација (дел 2)
Следна статијаПовик до дигиталните уметници: Искористете ја приликата вашата работа да биде видена ширум светот