Start-Up-Branding-Tips

Во претходниот дел презентирав три возбудливи модерни старт-ап идеи за бизнис кои би можеле да пројдат во Македонија – Spinlister, Just Park и Relay Rides. Секоја има свои предности и предизвици, но дефинитивно се идеи кои вредат да се испробаат од храбри претприемачи. Се разбира, главниот предизвик ќе биде како овие старт-апи да најдат финансиери со оглед на тоа дека Македонија не е баш развиен капитализам со силен финансиски пазар со развиена мрежа на инвеститори (venture capitalists) како и соочување со правниот предизвик од регулаторните бариери. Мислам дека има решенија и за овие предизвици, но за ова повеќе во друга прилика.

За жал, во Македонија, со чесни исклучоци (пример Grouper), недостасуваат вакви старт-апи, предводени од млади претприемачи кои наместо политичарите и сомнителните бизнисмени ќе ги поставуваат новите стандарди на однесување и ќе креираат позитивна репутација за бизнисите кај нас. На страна што ваквите старт-апи се одлична можност за отргање на младите од улица и од бироата за невработени, како и од партиските штабови кои им се нудат како алтернатива за корка леб во замена за дел од нивното достоинство и интегритет.

Па, така, за инспирација, во прилог се уште две интересни модерни старт-апи кои имаат потенцијал за да успеат на македонскиот пазар.

  1. Dog Vacay: платформа/пазар на куче-ситери. Ова е одлична идеја и за невладини организации од типот на Анима Мунди. Мислам, најголемиот општествен ефект може да го имаме со добар бизнис. Самата компанија се грижи пријавените „негувателки за кучиња“ да бидат специфичен профил на луѓе кои можат да се справат со овој предизвик и да обезбедат добра грижа за вашиот миленик. Така да, кога ќе одите на одмор, или пак на работа, сеедно, можете да најмите човек кој ќе ви го чува кучето во овој период, избирајќи дали тој ќе доаѓа кај вас дома или кучето ќе биде кај него. Имате 24/7 поддршка од професионалци на Dog Vacay и целосно слободен пазар во одредувањето на времето и цените на овие услуги;
  2. Task Rabbit: платформа/пазар кој поврзува луѓе со слободно време (Taskers) со луѓе кои имаат потреба од помош за ситни обврски (чистење на куќата, поправање машина за перење, помош за мебелот при преселба, па се до personal assistance активности како анализа на најдобра банка за штедење). Најголемиот предизвик за оваа бизнис идеја би било како македонците да се привлечат да ги користат овие услуги имајќи ја предвид нашата куповна моќ, но со доволна креативност, се е возможно.

Во овој ран период на кооперативниот капитализам, разумно би било да се избегнуваат бизниси од типот на Uber, Sidecar и Lyft, освен ако немате сериозна стратегија за митигирање на правниот (red tape регулативи) и политичкиот ризик да се носите со синдикатите, олигополите и дел од политичарите кои ги штитат постојните такси-компании од конкуренција.

На крај, пред воопшто да се залетуваме за било каков старт-ап од типот на горенаведените, би го препорачал следниов текст. Сепак, да не заборавиме, бизнис си е бизнис и модерните старт-апи не нудат лесни решенија на секојдневните проблеми со кои се соочуваат претприемачите. Но, тоа не ги прави помалку атрактивни нели?! Или пак можеби сте повеќе заинтересирани за потрадиционални – но сепак креативни – бизниси?

Извор на слика: http://www.canny-creative.com/2014/02/top-25-branding-tips-startups/

Претходна статијаApple Watch ќе биде достапен од Април
Следна статијаMicrosoft Office апликациите за Android таблет достапни од денес