Додека помалку развиените земји (како нашата) мака мачат да влезат во наредната фаза во својот (економски или поинаков) развој, во некои земји луѓето се слободни да размислуваат за тоа како да го доведат човештвото во наредната фаза од својот развој. Матрицата на размислување е толку различна што некои од тие луѓе работат кон создавање на старт-ап земји и градови наместо компании, завиени во технолошки иновации искочени од некој НФ роман. Претходно на Смартпортал сме пишувале за никнувањето на т.н. „паметни“ градови во Јужна Кореја (Сонгдо) и Емиратите (Масдар) кои се олицетворение на „Интернетот на нештата“.

И покрај тоа што на прв поглед наликува на НФ, во Сан Франциско на големо се планира градење на футуристички општества со градови-држави кои ќе пловат на морска или океанска површина. Замислата на Seasteading Institute, кои стојат позади овој проект, е овие градови да почнат од нула – ослободени од законите и регулативите на која било моментално постоечка држава. Позади овој проект сепак почива една поголема идеја: експериментирање со различни политички системи и експериментирање со различни методи на владеење – како отпор, или алтернатива на традиционалните владеачки структури типични за денешните општества.

Либертаријанска утопија

Втемелен во либертаријански идеали и принципи, ваквите микро-држави би биле совршениот експеримент за имплементирање на систем на владеење заснован на слободарска, free-market идеологија: без закони за минимална плата, даноци и други рестриктивни политики карактеристични за современите општества.

Ваквото општество ќе поттикнува на конкуренција помеѓу различните пловечки градови кои секако ќе имаат слобода на воспоставување на различни системи на владеење, при што меѓусебно би се наптреварувале во привлекување на што поголем број на жители. Како што секојдневно бираме помеѓу Пепси и Кока Кола, Гугл или Епл, така ќе можеме да бираме дали да бидеме државјани на земја каде што на пример постои прогресивно оданочување, наспроти друга каде што постои рамен данок.

Како ќе биде изграден овој пловечки град?

Планот на Seasteading институтот е да ги изгради првите вакви живеалишта на подвижни пловечки платформи со дизелски погон, со тежина до 12.000 тони, а истите ќе можат да вдомат до 270 жители. Сепак, долгорочниот план е истите да се оспособат за населување на десетици милиони жители кои ќе живеат на милиони вакви платформи најдоцна до 2050 година.

За да може една земја да биде домаќин на вакво живеалиште, мора да бидат исполнети две работи: (1) истата да се наоѓа на географски пожелна и стратешка локација и (2) способност и волја на владата за доделување на суштинска автономија за овие територии во замена за економски, еколошки и општествени придобивки на земјата-домаќин.

Питер Тиел, (коосновач на PayPal и на Seasteading институтот), претприемачот познат по тоа што беше првиот инвеститор во Фејсбук (со инвестиција од половина милион долари) и по тоа што се обидува да ги оттргне децата од факултет, има лежерен став кон проекциите дека овој експеримент нема да им се допадне на многу луѓе, вклучително и државните власти:

Поради тоа што мислат дека ова е невозможно тие нема да не сметаат за сериозни. И нема да се обидат да не спречат додека не стане предоцна.

Не сите се слагаат дека решението за сите политичко-општествени проблеми лежи во ваквите експерименти. Lew Rockwell вели дека тој веќе сведочел на неуспехот на слични обиди во минатото за воспоставување на „слободни територии“. Тој смета дека сепак, битката за подобар живот и подобро општество лежи овде, на земјата, со борење против закржлавените бирократски структури.

Слободни територијални зони

Seasteading институтот не се единствените што сонуваат за градови изградени на водна површина, или пак единствените што размислуваат за експериментирање со екс-територијалност. Лери Пејџ (коосновач на Гугл) своевремено изјави дека ни се потребни места (прочитајте повеќе за Burning man фестивалот, како еден вид на слободна зона за експериментирање со претприемачки идеи) каде што ќе „можеме да пробуваме нови нешта без притоа да мораме да го вмешаме целиот свет“. Во Кина (очекувано) веќе се планира градење на пловечки град.

Не можеме да знаеме дали ваквите проекти ќе бидат успешно имплементирани, ниту пак дали ќе бидат успешни откако ќе бидат воспоставени. Интересно ќе биде да се следи нивниот развој и динамиката на односите помеѓу постоечките државнички структури и идејните преродбеници кои стојат зад овие револуционерни градови-држави. На почетокот, голем проблем ќе биде обезбедувањето на огромни инвестиции (стотици милиони долари) како и воспоставување добри дипломатски односи со меѓународните тела како ООН. Понатаму, проблематично ќе биде и „дигањето“ на нови правно-политички системи.

Многу луѓе сигурно ќе си го постават прашањето дали на овој начин бегаме од решавање на проблемите кои ја загадочуваат нашата реалност и само задоволуваме нечија луда и неостварлива имагинација. Како и дилемата со меѓуѕвезденото истражување (да ги решиме проблемите на земјата пред да тргнеме кон вселената) одговорот на ова прашање ќе ни го дадат неколку „лудаци“ кои се дрзнуваат својата фантазија да ја претворат во реалност.

Претходна статијаIKEA претстави мебел со безжични полначи на уреди
Следна статијаQualcomm најави нов вид на ултразвучен скенер за отпечатоци кој може да скенира низ тврди материјали