_81337602_66363208-2995-4e3a-b156-cf2a5c033630

Телефонот на Apple, iPhone5S, донесе со себе скенер за отпечатоци. Тоа беше едно масивно раширување на ваквите сензори во потрошувачката технологија. Овие скенери претходно беа резервирани за други намени, на пример, за издавање на лични документи (кога се вади нов пасош сега бараат да го ставите прстот за да ви земат отпечаток од него. Потоа тој е сместен во биометрискиот чип на самиот пасош).

Во меѓувреме и Samsung се испроба со вметнување на скенер за отпечатоци во Galaxy S6. Овие два скенера се базираат на технологија слична на екраните осетливи на допир. Се работи за електроди и струјни линии со огромна резолуција кои ги осеќаат разликите во електричниот потенцијал меѓу линиите на прстите кои се во главно уникатни за секој од нас. Сепак, технологијата не би била таа што е ако не се развива напред.

Qualcomm само што најави нов вид на скенер на отпечатоци кој работи на друга технологија – ултразвук. Со помош на ултразвук тој, не само што може да го скенира прстот површински, туку може да навлезе и под површината откривајќи некои други елементи во вашите прсти како што се потни жлезди и слично. Со ова тој е уште попрецизен од „стандардните“ скенери.

Тоа што е дополнително интересно со овој тип на скенер е што работи и низ тврди објекти како стакло, алуминиум, пластика па дури и низ челик и сафир. Тоа значи дека лесно ќе може да биде интегриран во идните телефони зад екранот и така да ги детектира прстите на корисникот, правејќи го уредот посигурен за користење. Тоа исто така значи дека овој скенер ќе може да биде интегриран по работ на еден уред, на пример, на таблет и воопшто да не се гледа.

Од друга страна, иако повеќето ги спомнуваат само позитивните карактеристики од ваквата технологија, редно е повторно да повикаме и на можните негативни. Ако овој тип на скенер може да се интегрира во преносен уред значи дека е или ќе стане доволно евтин за масовно производство. Тоа комбинирано со неговата способност да скенира отпечатоци низ исклучително цврсти објекти ќе го направи како еден голем потенцијален нарушувач на приватноста. Замислете вакви скенери интегрирани во секакви површини околу вас кои само чекаат да се фатите за нив за да ве одбележат и по тоа да се дознае каде одите, а без вие да имате идеја дека некој ве следи.

Извор: The Verge, TechRadar

Претходна статијаГрадови на вода: потрагата по Утопија
Следна статијаMicrosoft ги претстави супер достапните телефони од средната класа, Lumia 640 и 640 XL