_81336028_81334399

Технологијата на безжично полнење е се’ уште млада, но полека го освојува пазарот. Постојат два главни „играчи“/стандарди тука. Едните се Wireless Power Consortium, а другите Power Matters Alliance. Двата стандарда имаат по неколку големи играчи како McDonalds, Starbucks, Xiaomi и така натаму.

Сега на Wireless Power Consortium се придружи и IKEA која најави мебел кој ќе има вакви (Qi) полначи интегрирани во себе. Нивната идеја е да се намали гужвата со кабли, а во исто време полнењето на уредите да биде неприметливо и остварливо на самата маса околу која седите.

Овој мебел што полни мобилни функционира на начин што на неговата површина има дел на кој се поставува телефонот или таблетот. Ако уредот поддржува вакво полнење тогаш можете слободно да го оставите како што би го оставиле на било која друга површина и да бидете сведок на безжично полнење. Според IKEA, „Низ истражување и посета на домови, знаеме дека луѓето го мразат хаосот од кабли. Тие се грижат околу тоа дека може да не го најдат полначот и дека ќе останат без енергија. Нашите нови иновативни решенија, кои го интегрираат безжичното полнење во домашниот мебел, ќе го направи животот по дома поедноставен“.

IKEA сепак знае дека вие нема да купувате мебел само од кај нив, па тие се одлучиле да почнат и да ги продаваат независно ваквите површини за полнење кои ќе можете да ги интегрирате во другиот мебел. Ваквата технологија пред се` ќе биде за полнење уреди кои редовно се користат како телефони и таблети, но ќе може да се искористи за други работи, како на пример, полнење на електрична четка за заби или апарат за бричење.

Засега нема многу уреди кои поддржуваат безжично полнење, а борбата меѓу двата ривални стандарди дополнително ја комплицира работата. Сепак, ова е навистина интересно решение за сите оние моменти кога сме барале полнач од пријателите за да го наполните телефонот бидејќи се потрошил на сред ден.

Извор: PCMag, The Verge, BBC

Претходна статијаИнтел лансира нови мобилни SoC, LTE решенија
Следна статијаГрадови на вода: потрагата по Утопија