Glenn Greenwald

Глен Гринвaлд беше првиот новинар кој жестоко пренесуваше и ги напаѓаше властите на САД за програмата Призма” и е човекот во кој Сноуден има најголема доверба кога станува збор за верно пренесување на нови информации кои покажуваат со каква леснотија флагрантно се нарушуваат фундаментални човекови права на американските, па дури и на европските граѓани. Несомнено е дека Гринвалд имаше круцијална улога во подигнувањето на јавната свест и поттикнување на глобална дебата околу важноста на приватноста на интернет и општо на приватноста како човекова вредност.

Во овој извонреден говор одржан на конференцијата TED (кој може во целост да го погледнете погоре), Гринвалд методично ги објаснува причините поради кои тој смета дека е важна приватноста. Тој најпрво се осврнува на сржта на приватноста, како подлога за слободно изразување, посочувајќи на бројните видеа на YouTube и други видео канали каде што луѓе од различни возрасти и пол  прават одредени нешта (пеат, танцуваат итн.) под впечаток дека се сами. Подоцна тие дознаваат дека некој ги набљудува и ненадејно запираат со тоа што претходно го правеле и видливо го менуваат своето однесување. Верувам дека ваквата и слични ситуации ни се блиски на сите нас. Сите ние сакаме да танцуваме и да пееме, но понекогаш го правиме тоа подалеку од очите на другите поради тоа што не сакаме секогаш да бидеме видени како го правиме истото, веројатно зависно од соодносот на интровертност/екстровертност поврзан со нашиот карактер.

Гринвалд понатаму посочува на лицемерноста на луѓето кои велат дека немаат причина да бидат загрижени за својата приватност, бидејќи немаат што да скријат. Гринвалд прашува зошто тогаш истите тие луѓе ставаат лозинки на своите Facebook профили и e-mail адреси? На тој начин тие докажуваат дека всушност ја ценат својата приватност, но не и таа на другите луѓе.

“… луѓето кои велат дека приватноста не е важна, всушност не веруваат во истото. Начинот на кој што ќе познаете дека тие луѓе не веруваат во тоа, е со тоа што додека со своите зборови велат дека “приватноста не им е важна”, истите преземаат секакви видови на мерки со цел да ја зачуваат нивната приватност.“

Гринвалд верува дека сите ние имаме работи што посакуваме да останат скриени од јавноста, но истото не не’ прави криминалци. Приватниот простор е од суштинско значење за секој поединец. Не се работи за чување тајни или за отстранување на себеси од секаков вид на комуникација. Се работи за нешто подлабоко.

Точно е дека како човечки суштества, ние сме социјални животни, што значи дека некогаш имаме потреба други личности да знаат што правиме, велиме и размислуваме, што всушност е причината зошто ние доброволно објавуваме информации за себе на интернет. Но, од подеднакво суштинско значење за тоа што значи да се биде слободно и исполнето човечко суштество е да се има домен каде што можеме да се повлечеме и да бидеме ослободени од осудувачките погледи на другите луѓе.“

Во претходен пост, напоменав дека под постојан надзор, однесувањето на луѓето станува бенигно и исплашено. Гринвалд ова го докажува посочувајќи на повеќе спроведени психолошки истражувања кои докажале дека однесувањето на луѓето кои биле под константно набљудување со текот на времето се преобразува во конформистичко. Тој оваа психолошка појава ја нарекува „Затвор на умот“:

Масовниот надзор создава затвор во умот и е суптилен и ефективен метод на поттикнување на согласност со општествените норми ….. и е далеку поефикасен метод од употребата на брутална сила“.

Без разлика дали се согласувате со неговиот став, вреди да го погледнете целиот говор. Дотолку повеќе што сметам дека е уште позначајно да го погледнат луѓе што имаат поинаков став или пак инстинктивно сметаат дека приватноста е вредност која припаѓа во минатиот век. Уверен сум дека напорите на секој поединец да се заштити себеси од било каков (неовластен) упад врз својата приватност доведува до поголема заштита не само за себеси, туку и за личностите со кои тој поединец најчесто комуницира. За секој човек што не се грижи за својата приватност, има друг што презема чекор повеќе за да ја заштити својата. Себично е да мислиме дека е поинаку.

Претходна статијаFacebook ја претстави Rooms за iOS, мала огласна табла за вашите интереси
Следна статијаNIGHT Cable ќе го задржи вашиот кабел на работната маса