Спојлери за сезона 8

Пред неколку години Џорџ РР Мартин, автор на серијалот книги на кој е заснована серијата, изјави дека крајот на оваа епска приказна ќе биде „bittersweet“. Петтата епизода од осмата сезона наговестува како би можело тоа да се одигра.

The Golden Company

Да ја тргнам од ум уште на почеток бескорисноста на оваа банда на војници предводена од Хари Стрикланд. The Golden Company беа ноторни по тоа што никогаш немаат прекршено договор и дека се толку моќна армија на платеници што би била корисна во војна од какви било размери. Нивните 20.000 војници беа најавувани како доволни за да ја срушат Даенерис. Наместо тоа, изгинаа после неколку минути откако почна пустошот. Оние војници што не беа погодени од огнот на Дрогон трчаа разулавени по сите страни, ловени од Unsullied и војската на Џон.

Пустошот на Даенерис

Оваа сцена првично ми остави генерално добар впечаток. Даенерис флертуваше со тоа да стане како татко и веќе неколку епизоди. Сетете се на сцената во седмата сезона во која ги убива таткото и братот на Сем Тарли. Сепак, вкусот што на крај ми останува е горчлив. Војната веќе беше добиена, а целата арка на Даенерис кружеше околу тоа дека таа е ослободувач на робови. Сето тоа падна во вода поради што? Смртта на Џора и Мисандеи? Тоа што Џон остана на нејзина страна и ја призна како своја кралица?

Во неколку епизоди Даенерис премина од херој на слободата до целосен “Mad Queen” mode. Убивањето на десетици илјади невини мажи, жени и деца е нешто што е незамисливо за нејзиниот лик. Иако креаторите ни оставија clues во првите сезони (визијата на Бран и визијата на Даенерис во сезона 2) за тоа што ќе се случи, овој развој на настаните беше пребрз и неоправдан. Тоа е веројатно нус-ефект на тоа што има само шест епизоди во кои можат да ја раскажат цела приказна. Но за тоа се виновни токму тие, бидејќи иако ХБО им рекле дека можат да тераат уште неколку епизоди, тие одлучиле дека имаат доволно време за да го комплетираат крајот (фанови на Стар Ворс, пазете се).

Наивноста на Џон

Ах, Џон. Иако наивен од време на време, бев разочаран што неговиот лик е ставен во ситуација во која тој е на страна на оние што вршат масакр. Можеби bittersweet моментот што се најавува е сценарио во кое тој ја убива Даенерис? Во секој случај, Џон е лик што беше претерано пасивен во последнава сезона, без некој херојски подвиг туку ставен во ситуација да набљудува додека умираат невини лица. Повторно, не е тој Џон што го знаеме (уште не можам да преболам тоа што не го погали Гоуст).

Варис и неговиот пребрз крај

Варис е уште еден лик што трпи последици од избрзаниот заклучок на серијата. Целиот негов карактер се базира на тоа што тој секогаш е неколку чекори понапред од сите други. Во оваа епизода, беше откриен и ликвидиран во првите неколку минути.

Пресвртот на Џејми

Трансформацијата на Џејми ми беше едно од омилените нешта во серијата. Почнувајќи како одвратен и злобен човек, тој го пронајде доброто во себеси и се бореше за нешто поголемо од себе. Дури пронајде и љубов. Неговата позитивна трансформација беше срушена во неколку сцени во кои одеднаш се врати на стариот Џејми, полуден по Серсеи. Помислив дека неговото грубо збогување со Бриен беше такво за таа да престане да го набедува да остане во Винтерфел. Но не, очигледно тој умре како стариот добар Џејми. Пребрзо, неоправдано. Исто како и повеќето други големи моменти во осмата сезона. Симплифицирано со цел побргу да се стигне до кулминацијата. Можеби е претерано да се очекува дека секој од ликовите ќе добие задоволителен крај, но Гејм не разгали првите неколку сезони со совршена комбинација на драма, хорор, политика и остри дијалози.

Со секоја епизода надежта дека Гејм ќе заврши налик Брејкинг Бед (целосно задоволително) се гаси. Не сакам да го споредувам разочарувањето што можеби ќе го осетиме по крајот на последната епизода со крајот на Lost (едноставно нема полош крај). Но, горчливиот вкус останува. Не верувам дека последната епизода ќе ги исправи работите. Единствено може да бидеме благодарни што и покрај таквиот завршеток, Гејм ни понуди забава и драма каква што не сме виделе на екраните.

Рандом обсервации

  • Даенерис одеднаш стана најдобриот пилот на планетата? Висерион и Раегал беа убиени прелесно. Дрогон не можеше да биде срушен од цела флота и армија која изобилува со стрели кои би требало барем малку да бидат закана за Даенерис?
  • Го добивме CleganeBowl. Не ме разочара. Одличен крај на приказната на Сандор. Од збогувањето со Арја до фактот што умре во огнот заедно со својот брат. Well done.
  • Тирион навистина се трансформираше во еден од најбескорисните главни ликови во серијата. Екстремно разочарувачки. Глупав до глупав потег. Тажно.
  • Појавувањето на Еурон од никаде и неговата борба со Џејми беше тотално useless. Не ми е јасно со која цел ја оставиле. Стварно.
  • Без разлика што епизодата не беше задоволувачка, пустошот на Даенерис беше визуелно предобро изведен. Добар потег сето тоа да се одвива од POV на ликовите по улиците на Кингс Лендинг.
  • Добро, каде беше Бран додека се случуваше сето ова? Уште не знаеме каде се одјави пред да умре Night King. Не знам што ќе биде во нареднава епизода, ама мора да добиеме барем некаков одговор во врска со него.
Претходна статија„Кликни си, купи си“ – Производите на Лакалут, Алгасан и Доктор Тајс отсега достапни за онлајн купување
Следна статијаГлобалниот Амбасадор на проектот “Фудбал за Пријателство“ Франц Бекенбауер во Мадрид ќе сподели вештини со Млади Фудбалери од целиот свет