Со претходниот текст почнавме да ја објаснуваме последната пресуда на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во случајот Big Brother Watch & Others v. Велика Британија и правиме паралела со масовното прислушкување кое се случи кај нас. Станува збор за важна пресуда во однос на правото на приватност vs прислушкувањето од страна на безбедносните служби.

Имено, Судот зазема силен став дека доколку безбедносните служби користат разни системи за следење на комуникациите на граѓаните тогаш државите мора да превземат сериозни мерки и контроли дека истите нема да бидат прекумерно користени и злоупотребувани. Односно, треба некој да ги контролира и службите што, кого и како си ја работат својата работа.

Важен момент е дека Судот потврдува дека правото на приватност на граѓаните започнува од моментот кога комуникациите и податоците се фатени во „мрежата“ на системите за следење, а не ако истите се обработуваат. Во нашата ситуација би значело дека правото на приватност е повредено на секој граѓанин чии податоци, неовластено, завршиле во мрежата на ДБК (а не само оние чии податоци биле обработувани за којзнај какви цели). Очекувано, пресудата потврди дека вака конструираните системи за следење на комуникациите ја повредуваат и слободата на изразување (chilling effect – ви текнува на муабетот, „немој по телефон, Големиот Брат слуша се“).

Исто, Судот зазема став дека следењето на Интернет сообраќајот е проблематично од аспект на тоа што тешко се контролира што се следат тајните служби и кои филтри се користат за да се определи кој сообраќај им е од интерес.

Владата на Велика Британија излезе со став дека ја поздравува одлуката и дека веќе со новите закони од 2016 дел од забелешките на Судот се веќе адресирани. Имено, воведена е „двојна контрола“ кога станува збор за одобрување на налогот за следење на нечии комуникации, односно истиот се одобрува од Генералниот секретар и од судија. Дополнително, посебен контролор се воведува кој треба да обезбеди независен надзор како тајните служби ги користат овие моќи.

На крај, еден од адвокатите кои ги застапувал апликантите пред Судот во Стразбур ја поздравува оваа одлука наведувајќи: „Судот стави точка дека владата на Британија нема одврзани раце да прави што сака со комуникаците на граѓаните и дека во неколку клучни делови законите во Британија и практиките на следење се лоши.“

Кај нас тек допрва ќе видиме до каде сме со заштитата на нашата приватност.

Претходна статијаSamsung не планира да вклучи исечок на екранот на Galaxy S10
Следна статијаЗапочнува NASA Space Apps Challenge 2018
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.