2016 беше годината кога на референдумот во Велика Британија, граѓаните одлучија таа да излезе од Европската Унија. Уште од најавата на референдумот, целокупното тамошно јавно (а и светско) мислење беше уверено дека земјата ќе остане членка на ЕУ.

Но, резултатите ја потресоа јавноста ширум светот со тоа што испадна дека повеќе гласови (52%) отидоа за Велика Британија да се оддели од ЕУ. Тој процес се’ уште трае (веќе работите толку се искомплицираа и одолговлекоа што не се ни знае кога за сигурно ќе излезат).  

Brexit e филм токму за сиот овој процес на организирање на референдумот. Една од главните пораки кои ги пренесува е дека референдумот „по дифолт“ ја дели земјата, односно граѓаните во жестоко спротивставени табори (нешто што се покажа вистинито и кај нас во 2018).

Без да навлегува во детали околу политичката одлука да се организира референдум, филмот се фокусира на маркетинг стратегијата спроведена од тимот што се бори за Велика Британија да излезе од ЕУ. Базиран на вистинска приказна, главната улога ја има Доминик Камингс (Бенедикт Камбербач), мастермајнд зад оваа кампања. Тој има навидум невозможна мисија да ги убеди граѓаните да гласаат за напуштање.

Покрај интересните тактики и маркетинг алатки што неговиот тим ги користи за да допре до гласачите, кампањата сепак се покажала како успешна од причина што се засновала на дигитални алатки. Односно, на веќе популарната фраза и правец „data science“. Доминик најмува фирма (AggregateIQ) која тврди дека може да му овозможи пристап до 3 милиони гласачи кои и двете страни ги занемаруваат во своите кампањи. Со современ софтвер тие успеваат да ги таргетираат тие гласачи преку социјалните мрежи со пораки скроени како за нив.

На пример, оваа реклама би ја виделе само љубители на животни (таргетирани според нивниот фејсбук профил)

Филмот наговестува дека постои поврзаност помеѓу начинот на кој се таргетирани овие гласачи и скандалот со Фејсбук и Кембриџ Аналитика. Тоа е и главниот проблем со филмот, гребе на површината на неколку ептен интересни теми, но не оди подлабоко. Што со AggregateIQ? Зошто треба да сме загрижени за ова? Како точно се користеле овие алатки за да се стигне до тие 3 милиони гласачи? Која е позадината на Доминик Камингс и зошто тој бил одбран да ја води кампањата?

За среќа, филмот е снимен според вистинити настани, така да љубопитните можат да најдат мноштво информации онлајн за било што поврзано со Брегзит.

Нешто друго што не ми се допадна е и на моменти претераната драматизација. Камингс е лик скроен за Камбербач: проблематичен генијалец кој не се плаши да повреди нечии чувства доколку во прашање е вистината. Тоа води кон неколку сцени што постојат само за да личи дека има некаква акција.

Новата нормала

Ако нешто може да се извлече како поука од сето ова, тоа е дека информациите ќе ги движат повеќе избори и референдуми во следните години. Главната грешка на кампањата за Велика Британија да остане во ЕУ е тоа што се потпираше на традиционални алатки, кои полека замруваат и имаат се помал ефект кај гласачите.

Како што напреднува технологијата и вештачката интелигенција, толку ќе им биде полесно на ликовите како Камингс да направат профил на потенцијалните гласачи и потоа да ги бомбардираат со персонализирани убедувачки пораки.

Претходна статијаЛетување од дома – искористете го одморот за истражување на најблиското опкружување
Следна статијаНовиот пар за напредните корисници – Samsung Galaxy Note20 и Galaxy Buds Live