Еден од главните новитети кај Samsung Galaxy S8 беше што тој може да се користи и како десктоп компјутер. Поточно, со купување на дополнителната Samsung DeX лулка, S8-ката може да се поврзе со поголем монитор, маус и тастатура и да се користи за посериозна работа. Сепак, оваа функционалност не помина најдобро кај купувачите, пред сѐ поради тоа што DeX лулката чини премногу пари (170-180 евра) и никој веројатно не гледаше причина да плати толку многу, особено што за малку повеќе може да се купи и лаптоп.

За споредба, Huawei Mate 10 Pro на пример може да се поврзе со стандарден USB Type-C во HDMI или VGA адаптер и да функционира како десктоп компјутер, со целосен десктоп мод. Ваквите адаптери чинат околу 5 долари на интернет, што е многу помалку во однос на DeX на Samsung.

Исто така, прилично голем недостаток на десктоп функцијата кај Samsung е што телефонот не може да се користи како маус и тастатура, туку мора да поврзете дополнителни – кај Mate 10 Pro истото тоа е овозможено.

Сепак, дел од овие недостатоци би можеле да бидат отклонети во Galaxy S9. Според најавите, Samsung ќе лансира нова лулка, односно многу подобро подлога за телефонот, на која тој ќе може да се легне и да се користи како маус (тачпад) и тастатура. Ова решение би требало да го држи телефонот цврсто легнат, со цел полесно да може да се работи на него, но веројатно неговата цена и натаму ќе биде висока, бидејќи ќе биде производ кој ќе може да се купи само од Samsung.

Според најавите, DeX Pad, како што ќе биде името на овој додаток, ќе биде лансиран заедно со Galaxy S9 на крајот од февруари наредната година.

Извор: BGR, WCCFTech, TechRadar

Претходна статијаMessenger Kids – Facebook претстави верзија од Messenger наменета за децата
Следна статијаВештачката интелигенција од Google разви „свое дете со вештачка интелигенција“