OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Пред една недела, Smartportal ексклузивно присуствуваше на светската промоција на новите знаменосци на Huawei – Mate 10 и Mate 10 Pro. Таму, Huawei не запозна со нивните најнови достигнувања во високата класа, кои вклучуваат и „неврален чип“ специјално наменет за машинско учење (вештачка интелигенција), кој помага во забрзувањето и подобрувањето на многу функции кај овие два смартфони. За да можеме подобро и ние да ги испитаме сите подобрувања, Huawei ни даде Mate 10 Pro на тестирање и една недела откако го добивме, еве ги првите впечатоци.

Дизајнот е една од најдобрите страни на овој смартфон
Mate 10 и Mate 10 Pro се смартфони со скоро подеднаков дизајн, но со една многу важна разлика – Mate 10 има 16:9 дисплеј со големина од 5,9 инчи, додека Mate 10 Pro има 18:9 дисплеј со големина од 6 инчи. Благодарение на тоа што Mate 10 Pro има потесен дисплеј, делува многу поелегантно и подобро лежи во раката од обичниот модел (со кој си поигравме во Минхен). Напред, Huawei ја има намалено рамката околу дисплејот, која според нив е една од најмалите меѓу сите паметни телефони и која го прави уште попријатен за држење, особено за оние со помали раце.

Но, настрана од дисплејот напред и малата рамка околу него, најубав агол на овој смартфон е задниот дел. Всушност, бидејќи во нашите канцеларии имаме и Galaxy Note 8 на тестирање, слободно ќе кажам дека од назад Mate 10 Pro изгледа попривлечно (Note 8 е поубав од напред). Едноставно, огледалната површина привлекува многу погледи (иако е магнет за отпечатоци), а целиот минимализам е позитивно нарушен со хоризонтална лента околу двојната камера. Кога сме кај двојната камера, особено ми се допаѓа што двата модули се одделени еден од друг – кај конкурентите се залепени и делуваат гигантски, додека тука одлично се вклопуваат во целиот минимализам.

Сето ова е заокружено со одличен избор на бои, кои ги менуваат нијансите зависно од кој агол ги гледате – ние ја имаме Mocha Brown, која е и мојот фаворит, но многу ми се допаѓа и Midnight Blue. За бизнис корисниците препорачувам Titanium Gray, додека за понежниот пол Pink Gold. Недостатоци во дизајнот? Како и скоро секој понов смартфон, Mate 10 Pro нема 3,5 mm излез за слушалки (има адаптер во пакувањето). Да, и мене не ми се допаѓа ова, но се чини ќе мора да се навикнеме. Од друга страна, Mate 10 Pro е IP67 водоотпорен, што е одлична вест.

Солиден дисплеј, врвни перформанси и исклучително долго траење на батеријата
Mate 10 Pro е уред од највисоката класа – Huawei го позиционира како премиум смартфон кој ќе чини околу 800 евра кај нас. Затоа (скоро) сите вградени компоненти се конкурентни на најдоброто од Samsung и Apple – процесорот е најновиот HiSilicon Kirin 970 на Huawei, кој има осум јадра, од кои четири работат на 2,4 GHz и кој на бенчмаркови е побрз од Snapdragon 835, помогнат од 6 GB рам и 128 GB простор, како и огромна батерија од 4.000 mAh. Резултатот се врвни перформанси – јас не почувствував никакво закочување или забавување на телефонот, дури и при работење со тешки апликации, додека батеријата лесно може да истера до ден и пол тешко користење, а се полни за малку повеќе од еден час. Секако, сите овие коментари ќе ги преиспитам во целосната рецензија, за која ќе треба да помине уште околу еден месец.

Погоре реков дека „скоро“ сите вградени компоненти се премиум и тука мислев на дисплејот. Се работи за OLED панел, кој има резолуција од 2160х1080 пиксели, што е под она што го нудат останатите модели во премиум класата – Note 8 на пример има 2960х1440 пиксели. Ова за многумина нема да биде проблем – со 402 пиксели по инч, екранот е доволно остар и за истренираното око, а има и одлични бои и врвен контраст, всушност како и сите останати OLED екрани. Дисплејот е и доволно светол и има солидна видливост на сонце. Сепак, дисплејот на Mate 10 Pro има еден проблем – AMOLED екраните на Samsung се едноставно подобри. Навистина, да го гледате само дисплејот на Mate 10 Pro Ќе бидете 100% задоволни, но Note 8 и Galaxy S8+ едноставно имаат подобри екрани кога ќе ги ставите до Mate 10 Pro. Не дека ова не важи и за секој друг модел кој не е Samsung (а особено за Apple), но вреди да се спомене.

Извонредна двојна Leica камера со супер брза f/1.6 бленда
Супериорна камера во Huawei смартфон веќе не е новост – после соработката со Leica, кинескиот производител значително го покачи квалитетот на своите камери, а тоа најдобро е изразено кај овој модел. Mate 10 Pro е опремен со два модули назад – сензор од 12 мегапиксели во боја и f/1.6 бленда и црно-бел сензор со 20 мегапиксели и f/1.6 бленда. Оваа комбинација овозможува портрет мод кој ја замачкува позадината (како скоро сите конкуренти), но многу поважно, работи на подобрување на фотографиите во поглед на поголема острина, подлабоки бои и помалку шум.

Една недела е многу малку време за да се испробаат сите можности за оваа камера и длабоката анализа ќе ја оставам за целосната рецензија, но првите фотографии се и повеќе од ветувачки. Во прилог и неколку тест фотографии во полна резолуција (со информација за сетинзите под кои се фотографирани), кои ги направив во Минхен:

EMUI 8.0 софтвер врз Android Oreo 8.0 и чип за вештачка интелигенција – комбинација која ја нема ниту еден друг Android смартфон
Mate 10 Pro е опремен со EMUI 8.0 скин на Huawei, изграден врз Android Oreo 8.0, кој не очекував дека ќе ми се допадне премногу, особено по лошите коментари изминативе неколку години. Сепак, Huawei тука има направено огромен напредок во насока на тоа корисничкиот интерфејс да биде поблизок до оригиналниот Android, а и подобрувањата што ги има се само за подобрување на искуството.

EMUI софтверот е и прв со „офлајн“ вештачка интелигенција, благодарение на новиот неврален чип, кој ќе може да прави работи за кои досега требаше да бидете поврзани на интернет. Тука само накратко ќе спомнам неколку од неговите можности – преведување на јазици во живо, камера која препознава што фотографира (храна, милениче, портрет од човек итн.), навигација со GPS и во затворени простории или под тунели итн. Huawei ветува дека овие можности ќе растат и ќе се подобруваат со текот на времето и искрено нетрпеливо чекам да видам што спремаат за наредната година.

Huawei Mate 10 Pro ќе чини околу 800 евра и ќе биде понуден и кај двата оператори
Првите примероци на Mate 10 Pro ќе пристигнат на нашиот пазар кон средината на ноември и според одговорните во компанијата, овој модел, заедно со Mate 10, ќе биде понуден и кај двата оператори. Неговата цена ќе изнесува околу 800 евра само за телефон (Mate 10 околу 100 евра помалку), што можеби делува високо за Huawei модел, но ве уверувам дека е телефон кој ќе ве служи подеднакво добро како и секој друг премиум смартфон во класата, а во многу сегменти и подобро!

Претходна статијаHTC U11 Plus ќе има мала рамка околу дисплејот и моќни спецификации
Следна статијаИнтервју со Дарко Раткај – Сениор проектен менаџер во Европската радиодифузна унија