galaxy-s7

И покрај ветувањата на производителите, надградбите на поновите верзии на Android смартфоните одат многу бавно, дури и кај телефоните од високите класи. Тука спаѓа и најпродаваниот смартфон од Android сферата, Galaxy S7, кој надградбата на Nougat 7.0 најверојатно ќе ја добие до крајот на годинава или почетокот на наредната.

Иако ова се неколку месеци по првичното лансирање на Nougat, во светот на Android смартфоните е прилично брзо – многу од конкурентите ќе имаат надградба дури и покасно. За оние кои пак сакаат уште веднаш да го искусат Nougat на својот паметен телефон, тука е Galaxy Beta Program. Со оваа програма, корисниците можат да инсталираат рани бета верзии на Nougat и да ги пробаат на својот паметен телефон, но секако ваквите верзии имаат багови и не се препорачливи за генерално користење.

Според тоа што Galaxy S7 Nougat Beta Program треба да заврши на средината од Декември, може да се очекува дека набрзо потоа ќе пристигне и официјалната верзија. Сепак, не сите уреди ќе ја добијат во исто време, односно први ќе бидат оние со отклучени уреди кои не се купени од оператор. Оние кои телефонот го имаат набавено од оператор пак веројатно ќе треба да почекаат уште еден месец повеќе.

Nougat надградбата за Samsung уредите инаку ќе донесе неколку подобрувања, а прв во очи паѓа освежениот изглед, кој ќе биде многу поблизок на чистата Android верзија. Многу од функциите во Nougat веќе ги има во уредите на Samsung, како можноста за користење на две апликации одеднаш, но сега тие ќе бидат вградени во оперативниот систем и се очекува да работат подобро и со повеќе апликации.


Покрај тие промени, со оваа надградба S7 телефоните ќе добијат и можност за промена на DPI подесувања на дисплејот, што ќе овозможи промена на големината на иконите и буквите, со цел да се ослободи повеќе простор или пак тие да се направат поголеми и почитливи. Освежен ќе биде и делот за нотификации, од каде корисникот директно ќе може да одговори на порака и сл.

Извор: Android Central, Gotta Be Mobile, GSM Arena

Претходна статијаRaptor Engineering ќе лансира компјутер кој ќе биде целосно „отворен, слободен и безбеден“
Следна статијаА, што ако “Црниот Петок” трае 3 дена? Капитол Мол со тридневна шопинг треска го одбележува Black Friday