Најавена во мај на Google I/O конференцијата, од оваа недела е официјално достапна Google Allo, новата апликација од компанијата која треба да им конкурира на веќе популарните WhatsApp, Viber, Messenger и слични.

Апликацијата постепено ќе станува достапна во целиот свет, а може да се користи на двете најпопуларни платформи, односно на Android и iOS. За користење на апликацијата, иако е можно поврзување со Google сметка, доволно е само внесување на телефонскиот број.

Google со оваа нова апликација ќе се обиде да ги привлече корисниците од конкурентите со неколку уникатни функции кои ја прават оваа апликација паметна. Поточно, голем дел од апликацијата работи на основа на вештачка интелигенција која повеќето поголеми ИТ компании ја развиваат.

Google Allo ја следи содржината на разговорите и предложува одговори кои на корисниците треба да им овозможат што помалку користење на тастатурата. За жал, како и секогаш, овие предлози ќе бидат на англиски, па прашање е дали и кога би биле достапни за македонскиот јазик.

Предлозите се прават врз основа на тоа што е испратено од соговорникот, со разбирање на суштината на разговорот. Исто така, апликацијата може да препознае кога е испратена слика, односно што се наоѓа на сликата, па да даде соодветен одговор. Така, доколку е испратена слика со куче, Google Allo може да предложи да испратите некој стикер или одговор како „Колку е слатко“ и слично.

Оваа функција е наречена Smart Reply и покрај следење на содржината на пораките, ги учи навиките на корисникот, па со тек на време станува се подобра.

Google Allo има уште неколку интересни функции како што се:

  • Зголемување или намалување на текстот пред испраќање за подобро изразување
  • Голем избор на стикери
  • Можност за додавање на ефекти, односно цртање и промена на сликите пред испраќање
  • Тајни разговори кои се целосно енкриптирани

Апликацијата се разбира ја има интегрирано Google Search функцијата преку Google Assistant. Не би била апликација од Google доколку вакво нешто не е дел од неа. Google Assistant е достапен во форма на бот со којшто може да се разговара.

Корисниците можат да постават прашања како што се на пример, кој филмови ги има во кино во овој период. Интересна е можноста асистентот да биде повикан директно во разговор со пријателите преку впишување на @google пред реченицата.

Ќе биде интересно да се види дали корисниците ќе ја прифатат новата апликација од Google, најмногу поради фактот што тие веќе се научени да користат неколку вакви апликации, па се поставува прашањето дали има место за уште една. Дали некои од уникатните функции на Allo ќе бидат доволни за привлекување на вниманието на корисниците.

Извор: Google Allo, TNW, VB

Претходна статијаMicrosoft претстави нов Nokia мобилен телефон
Следна статијаSanDisk претстави SDXC картичка од 1 TB
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.