Од денес почнува достапноста на најновата верзија на Firefox, прелистувачот којшто иако го има второто место на пазарот, сепак е далеку од Chrome, а јас сметам дека треба да му дадете шанса.

Почнувајќи од 57-та верзија наречена Firefox Quantum, Mozilla драстично ја менува работата на прелистувачот поради што може повторно да се нарече конкуренција на Google Chrome.

Од тогаш наваму, Firefox станува се подобар, а добива и доста нови и корисни функции, а еве какви новини донесува 66-тата верзизија, која е достапна за Windows, Linux, macOS и Android.

Главната новина кај оваа верзија е блокирањето на страните кои автоматски пуштаат звук. Ова е одлична функција која Google ја воведе во Chrome пред одреден период и навистина прави разлика при сурфањето.

Вклучувањето, односно исклучувањето на блокирањето за страните може да се направи на секоја страна посебно, со притискање на Info иконата во лентата за адреси, а достапно е и ново мени во Settings од каде може да се проверат и страните кои се дозволени.

Функцијата не е автоматски вклучена, па ќе треба да ја вклучите преку прилагодувањата на прелистувачот.

Оваа нова можност е од оваа верзија достапна и за корисниците на Android.

Оваа верзија од Firefox исто така донесува подобро „скролање“ додека страната уште се отвора. Подобрувањето оневозможува елементите од страната да ја менуваат својата позиција додека истите целосно се вчитаат.

Firefox 66 го менува форматот којшто го користат додатоците за складирање на нивните информации. Ова треба да овозможи нивна побрза функција, како и помало трошење на RAM меморијата, а посебно за додатоците кои прават помали промени на поголема дата база.

Некои од останатите новини во Firefox 66.0 ги вклучуваат следните:

  • Поддршка за AV1 кодек во Windows
  • Поддршка за Windows Hello во Windows 10
  • Можност за пребарување на табовите кога голем број од нив се вклучени и веќе не се гледаат сите
  • Бројот на процеси кои ги има прелистувачот е зголемен дупло, односно од 4 на 8, со што треба да се очекува подобрување на перформансите
  • Лента за пребарување во Private Browsing режим
  • Основна поддршка за Touch Bar кај macOS уредите со ваков хардвер

Официјалната листа на новости е достапна на овој линк.

Firefox 66.0 почнува да биде достапен од денес, меѓутоа може нема веднаш да може да го симнете, односно ќе почекате за истото во текот на денот, а на Android може и неколку дена.

Доколку користите автоматско ажурирање, новата верзија автоматски ќе биде инсталирана во позадина, а можете и само да проверите за достапноста преку Help > About Firefox.

Доколку не го користите Firefox, а би сакале да го пробате, можете да го симнете преку овој линк.