Доколку некогаш се имате мислено дали да го пробате или повторно да се вратите на Firefox прелистувачот од Mozilla, сега дефинитивно е времето за тоа. Почнувајќи од верзијата 57, Firefox ја добива можеби досега најголемата надградба од самото претставување на прелистувачот. Firefox Quantum е официјално наречена новата технологија која е вградена во прелистувачот и истиот го става на рамниште со брзиот Chrome, а можеби и побрз.
Firefox 59, кој е достапен за корисниците на Windows, Linux, macOS и Android од оваа недела, ја продолжува започнатата работа од претходните 2 верзии. Од Mozilla истакнуваат дека оваа верзија има дополнителни подобрувања во брзината на отворање на веб страните, како и дополнително подобрување во Private Browsing функцијата.
Официјалната листа на новини во Mozilla Firefox 59 за десктоп е следната:
- Побрзо вчитување на содржината на Firefox Home page
- Побрзо вчитување на веб страните преку вчитување на содржината или од мрежниот кеш или од кешот на хард дискот на корисникот
- Подобрено рендерирање на графичките делови од страните
- Можност за drag-and-drop преместување на топ страните поставени на Firefox Home page
- Можност за цртање и обележување на сликите земени преку Firefox Screenshots, како и нивно дополнително сечење
Целата листа на новини можете да ја видите преку овој линк, како и листата со новини на Android преку овој линк.
Уште една новина е достапна во Firefox 59 која не е истакната од страна на Mozilla, а истата треба да ја побарате во Options > Privacy & Security > Notifications Settings. Во овој дел од прилагодувањата можете целосно да ја исклучите можноста веб страните да ве прашуваат дали сакате да добивате известувања од нив, нешто што е доста популарно изминатиот период. Доколку овие известувања само ви пречат, сега можете целосно да ги блокирате.