Google
Фото: Google

Компанијата Google се обидува да изнајде решение со кое на поедноставен и попрецизен начин ќе ги информира патниците за доцнењето на нивните летови. Преку софтверска надградба на својата апликација Flights ќе се овозможи поквалитетно информирање на корисниците. Апликацијата ќе понуди не само објаснување за постоечките, туку и предвидувања за потенцијални нови задоцнувања.

Во случај софтверот да е повеќе од 80% сигурен дека ќе дојде до доцнење на летот, тој го информира корисникот. Предвидувањата ги генерира системот преку механизмот за самостојно учење, врз основа на претходни податоци. Дополнително новиот софтвер ќе нуди и информации и совети при изборот на лет. Некои од најпопуларните авио компании се опфатени, а советите се однесуваат на удобноста или пак работи како избор на седиште, екстра рачен багаж и сл. Претходниот месец, Google ја подобри својата апликација додавајќи „следач“ за цени на авио картите.

Како ова ќе функционира во пракса останува да видиме. Од компанијата предупредуваат дека и понатаму патниците треба да се ориентираат според информациите од авио компаниите. Информациите кои ги дава софтверот не може да се сметаат за точни се додека не стигне официјално известување. Па така, се чини дека „предвидувањата“ ќе создадат само дополнителна конфузија и нервоза кај патниците.

Извори: Engadget, TechCrunch

Претходна статијаВо САД се заговара закон кој ќе обврзува заменливи батерии и лесно поправливи уреди
Следна статијаМакедонија2025 доделува стипендии за извршни директори и менаџери на реномирана школа за бизнис во САД