WinFuture.de

Вториот уред од Samsung со екран кој се превиткува се очекува да биде претставен на 11 февруари на настанот на којшто ќе бидат преставени новите Galaxy S20 уреди. Овој уред се најавува дека ќе се вика Galaxy Z Flip, што е многу пологично име од долго користеното Galaxy Fold 2.

Тоа е така поради тоа што Z Flip ќе има различен концепт од Galaxy Fold. Тој ќе се превиткува по хоризонталната линија со што ќе се добие „флип“ телефон, а со тоа и многу помал уред кога ќе се преклопи, погоден за лесно чување во џебот, нешто што може да е проблем за се поголемите телефони.

WinFuture.de повторно излегоа со неофицијални информации кои овој пат ни ги прикажуваат скоро сите работи кои би не интересирале за Galaxy Z Flip. Прво тука се сликите кои наводно се официјални рендери од Samsung. Од нив се гледа изгледот на телефонот, а тука е и бојата која покажува дека овој телефон најверојатно посебно ќе им биде рекламиран на женската популација.

Веќе можевме да прочитаме информации дека дизајнот на овој телефон е пред се наменет за девојките кои се веќе навикнати да преклопуваат „уреди“, мислејќи се на нивните огледалца и шминки.

Инаку, според информациите Galaxy Z Flip треба да дојде со 6,7 инчен OLED екран обложен со тенко стакло наместо со пластика и резолуција од 2.636 на 1.080 пиксели. Кога ќе биде преклопен, односно затворен, достапен ќе биде дополнителен и помал екран со големина од 1,06 инчи и резолуција од 300 на 116 пиксели. Овој екран ќе биде наменет за брзо гледање на часовникот, известувањата и слични информации со цел да не мора да се отвора уредот за да се види дали тоа што е стигнато е важно во моментот.

WinFuture.de

Процесорот на Z Flip ќе биде ланскиот Snapdragon 855+, во комбинација со 8GB RAM меморија и 256 GB простор за податоци, но наводно без можност за додавање на дополнителна картичка за податоци.

Исто така, кај Galaxy Z Flip ќе нема приклучок за слушалки, нешто што веќе полека станува стандардно, а се очекува и да не дојде со поддршка за 5G мрежите.

Главните камери ќе бидат 2 со по 12 мегапиксели, од кои едната ќе биде со ултра широк агол на сликање. На предната страна ќе има една камера со сензор од 10 мегапиксели.

Како што може да се види, а веќе неколку пати истото се најавува, Galaxy Z Flip нема да дојде со најновите компоненти кои се достапни сега. Тој може да се каже дека е уред од високата класа, но не највисоката, со што акцентот е ставен на неговиот дизајн и нова технологија на екрани кои се превиткуваат. Цената која се најавува изнесува 1.400 долари, а треба да почне да се продава од 14 февруари.

WinFuture.de
ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2PhoneDog
Претходна статијаWizz Air го прави патувањето полесно со „Автоматско пријавување“
Следна статијаHuawei влезе во топ 10 највредни брендови според Brand Finance
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.