ios8

Како што беше и очекувано, Apple вчера ја претстави наредната верзија од својот познат мобилен оперативен систем, iOS 8, на својата конференција наменета за програмерите, Worldwide Developers Conference (WWDC). Оперативниот систем кој што пред една година доби долго очекуван редизајн, оваа година повеќе се концентрира на подобрување на работата, како и најважното, воведување на нови и подобрени функции и можности за корисниците, како и за програмерите. Па, да почнеме со претставување на новите функции достапни со осмата верзија од iOS. Што е ново во iOS 8 ?

Нотификации

Корисниците добиваат две нови интересни додатоци во работата со нотификациите. Во центарот за нотификации, поточно во Today делот, ќе бидат додадени виџети кои што ќе можат да ги прават и програмерите на другите апликации, не само Apple. Можноста за додавање на виџети, по примерот на Android е нешто за кое што одамна се разговара, а доста од корисниците го бараат и сметаат дека оперативниот систем губи со задржување на едноставноста на иконите на home екранот. Од Apple сепак сметаат дека тоа е главната карактеристика на оперативниот систем и дека таа нема потреба да се менува, па овие виџети наместо на home екранот, ќе биде сместени во центарот за нотификации. Како што може да е очекува од ваква функција, корисниците ќе може да додаваат виџети преку кои што ќе добиваат одредени информации, односно може да се каже дека ова претставува проширување на Today делот кој што беше точно ограничен кои информации ги покажува, а сега тоа ќе може корисниците да го менуваат.

Втората работа додадена во работата со нотификации, која што можеби е и покорисна од можноста за виџети, е можноста за работа со добиените нотификации директно од нив, без потреба од вклучување на главната апликација. Поточно се работи за можноста за одговарање на порака, на пример, директно од нотификацијата. Оваа функција работи на тој начин што кога ќе добиете порака и ќе се појави нотификацијата на горниот дел од екранот, со повлекување на неа, ја проширувате и добивате поле во кое што ќе можете да го напишете вашиот одговор. Исто така овие таканаречени интерактивни нотификации работат и за другите апликации, покрај пораките. Па така, доколку добиете нешто на Facebook, можете веднаш да притиснете Like или да ја споделите содржината. Можете да одговорите на покани за состаноци и многу повеќе.

Континуитет

Ова е зборот кој што од Apple го користат да ја опишат поврзаноста на iOS со OS X уредите. Ова е исто така интересна и доста корисна функција, која што сигурно корисниците на другите платформи би сакале да ја имаат. Секогаш кога сте во близина на вашиот Mac компјутер, сите повици кои што доаѓаат на вашиот iPhone ќе можете да ги одговорите преку компјутерот. Исто така можете и да правите повици користејќи го пак вашиот Mac компјутер, нешто што е интегрирано и во интернет прелистувачите, па секогаш кога ќе наидете на телефонски број на некоја веб страна, можете веднаш да го повикате со притискање на него. Ова е еден од примерите за поврзување на овие уреди.

Оваа функција исто така ви овозможува да продолжите со работата од едниот уред на другиот. Така, кога пишувате email порака, на пример на вашиот iPhone кога сте дома, на вашиот Mac ќе се појави додатна ознака на Mail иконата, па со вклучување на апликацијата веднаш ќе можете да продолжите да ја пишувате пораката на компјутерот.

Дел од овој нов концепт на континуитет, односно поврзаност помеѓу уредите е и претставувањето на iCloud Drive. Ова конечно претставува решение од Apple кое што ќе конкурира со Dropbox и сличните. Секоја апликација ќе добие посебна папка до која што ќе може да се пристапи од било кој уред. Ова значи дека корисниците ќе може да ги чуваат сите нивни документи, слики и фајлови на едно централно место, до кое што ќе може да пристапат и од нивниот Mac компјутер, а достапна ќе биде и Windows апликација. Ова не значи дека дел од можностите не беа до сега достапни со iCloud, меѓутоа со Drive тие се направени повеќе во стилот на другите cloud storage сервиси кои овозможуваат централизиран пристап до фајловите кои што се складирани.

extra_large_icloud_drive_hero

HealthKit и HomeKit

За фитнес апликација од Apple доста се пишуваше, а истата се веруваше дека ќе биде наречена Healthbook. Apple официјално претставија апликација за следење на фитнес активностите, како и здравствените информации, а ја нарекоа едноставно Health. Оваа апликација ќе се поврзува со нивниот нов сервис HealthKit кој што ќе добива информации од повеќе извори, како што се одредени уреди за следење на пулсот, притисокот, шеќерот во крвта и многу повеќе, а сите овие информации сега корисниците ќе ги имаат во една апликација.

Apple исто така ја најави и можност за овој оперативен систем да работи со паметните уреди во домот. За нив често имаме пишувано, односно тие полека стануваат популарни, барем на запад, па преку едно централизирано место, вклучувајќи ја и Siri, корисниците ќе можат да ги контролираат своите уреди во домот.

extra_large_health_hero

Споделување помеѓу семејството

Се работи за функција позната на корисниците на Windows Phone, која што овозможува поврзување на до 6 луѓе со кои што ќе може да се споделуваат информации од типот на календар, потсетници, слики и слично.

Една додатна можност на оваа функција е можноста за споделување на купувањата од iTunes. За оваа функција потребно е сите членови да користат една кредитна картичка за купување на апликации и слична содржина, а за децата да може истото да го направат ќе треба да побараат дозвола. Родителите ќе може да одобрат купување на апликација од нивниот уред, без потреба од лично присуство во близина на децата. Ова е нешто што е одамна барано од корисниците кои што се имаат жалено дека нивните деца имаат направено огромни сметки без нивно знаење.

Ова се неколку од повеќето новини воведени во iOS 8 кои што се можеби најважните и најголемите, но оперативниот систем донесува и други интересни додатоци. Па така, кога ќе притиснете два пати на home копчето, покрај прикажувањето на активните апликации како до сега, на горниот дел ќе бидат прикажани и најчесто контактираните контакти. Со ова ќе можете на многу едноставен и брз начин да се јавите или испратите порака до луѓето со кои што најчесто комуницирате.

Конечно оваа верзија од оперативниот систем ја воведува можноста за инсталирање на тастатури од трети страни, односно корисниците ќе може да почнат да користат апликации како познатата SwiftKey, нешто што е многу популарно на отворениот Android оперативен систем.

Другите новини ги вклучуваат и:

  • Подобрување на препознавањето на пишувањето на тастатурата
  • Можност за активирање на Siri со кажување на Hey, Siri гласовната команда, корисно кога сте во вашиот автомобил, на пример
  • Промена на апликацијата за слики која што се синхронизира со сите ваши уреди, вклучувајќи ги и промените кои што ги правите
  • Можност за повици преку Wi-Fi
  • Можност за прифаќање на нови повици од FaceTime додека веќе разговарате, како и можноста за одбивање на вториот повик
  • Информации за потрошувачката на батеријата по апликации
  • Можност за пораки кои што ги снемува, како што е случајот со Snapchat

iOS 8 ќе биде достапен за корисниците од Септември, а ќе може да го користат корисниците на iPhone 4s, па нагоре, iPod Touch 5-та генерација, како и iPad 2 и понови, вклучувајќи ги и mini верзиите.

Претходна статијаNSA собира милиони слики од корисниците за препознавање на лицата
Следна статијаNiwa, прва автоматизирана домашна градина
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.