Иако повеќето луѓе во последно време гледаат негативно на масовното користење на паметни телефони, како да се заборави на предностите кои може да излезат од тоа. Нешто слично како што тоа го прави со прикажувањето на сообраќајниот метеж во Google Maps, сега Google ќе ја искористи огромната бројка на Android уреди во светот за нешто уште покорисно.

Поточно, Google ќе почне да ги користи Android телефоните и кај сите од нив вградениот акцелерометар сензор со цел да ги открие земјотресите кои се случуваат. Овој сензор се користи во основа за откривање на тоа кога го движите телефонот и во која позиција, па потоа, на пример, да ја сврти сликата на екранот соодветно.

Овие сензори сепак можат да обезбедат многу повеќе и покорисни информации, па една од тие информации е дали во моментот се случува земјотрес, односно дали телефонот се тресе, колку и да е тоа малку.

Корисниците ќе можат да се вклучат во оваа програма, а од Google истакнуваат дека не им е потребна и нема да ја користат нивната точната локација, како и нивните информации кои можат да ги идентификуваат.

Замислата на овој систем е одлична. Кога ќе се детектира од страна на телефонот нешто што сме смета како можен земјотрес, се испраќа на серверите на Google, каде со помош на алгоритам и информации од десетици, стотици и повеќе други Android телефони во тој регион, ќе се дојде до заклучок дали навистина имало земјотрес.

Оваа информација потоа, покрај тоа што ќе се искористи за луѓето да проверат дали навистина имало земјотрес и колку силен, како што обично правиме по ваков случај, ќе може да се користи и за предупредување.

Со оглед на тоа што првиот бран обично се смета за послаб, а вториот е тој што може да ја направи потенцијално штетата, Google ќе може да ги извести корисниците дека за кратко време може да се очекува земјотрес, односно вториот бран, а првиот може да не бил почувствуван од луѓето, со што ќе им се даде време да се подготват, па дури ако условите тоа го овозможуваат, да излезат надвор.

Вакво нешто ќе биде возможно за луѓето кои се подалеку од епицентарот, поради тоа што Google нема да ги предвидува земјотресите, само поради првиот бран ќе може да предупреди за вториот. Колку е подалеку некој од епицентарот, толку повеќе време ќе има до доаѓањето на вториот бран, а во вакви ситуации и секунди може да направат разлика.

За почеток Google во соработка со институции за земјотреси во САД и сојузната држава Калифорнија, ќе започне со известување на корисниците кога може да се очекува земјотрес, по што планира да почне ваквите известувања да ги праќа кај повеќето свои корисници во светот.

Предноста на користењето на телефоните како мали „сеизмографи“ е што инсталирање на професионална опрема, каква што има во Калифорнија, е скапо и ретко која земја има таква мрежа.

ИЗВОРGoogle
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаДојче Телеком и Били Ајлиш го слават дигиталниот оптимизам на Генерацијата Z
Следна статијаРегионално истражување: Скоро половина од потрошувачите во Македонија го сметаат биометриското плаќање за побрзо и поедноставно отколку користење на лозинка
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.