Конечно Apple го одржа својот настан, вчера на 12 септември, на кој ги претстави своите, како што беше најавувано, три нови iPhone модели. Како што очекувавме, трите модели го имаат дизајнот од ланскиот iPhone X, па сега сите нови телефони од Apple имаат екрани без скоро воопшто рамки околу екранот, како и познатиот исечок на горната страна.

Покрај за дизајнот, бројот на уреди и нивните карактеристики, имаше неколку неофицијални информации кои тврдеа дека ги имаат имињата на овие три нови телефони. Може да се каже дека овие информации делумно беа точни, па официјалните имиња на новите iPhone-и се iPhone XS, iPhone XS Max и iPhone XR.

Како што се најавуваше, првите два модели доаѓаат со екрани направени со OLED технологија, додека третиот модел, кој е и најевтин, работи на екран направен во LCD технологија. Двата посилни модели доаѓаат со екрани со големина од 5,8 и досега најголем екран на iPhone од 6,5 инчи. iPhone XR доаѓа со 6,1 инчен екран, како и со избор од повеќе бои, бела, црна, сина, жолта, нијанса на розова и (PRODUCT)RED црвена.

Како и секогаш, уредите од Apple ги имаат едни од најдобрите екрани на пазарот, а со дизајнот кој е скоро цел само екран, овие уреди сигурно ќе ги добијат едни од највисоките оценки.

Што се однесува до поевтиниот LCD модел, од Apple истакнуваат дека тој е најнапредниот LCD екран кој доаѓа со одлична прецизност на боите, како и True Tone технологијата за повеќе природен приказ на работите на екранот.

Apple го истакнува унапредувањето на HDR режимот, како на камерите, така и на самиот екран.

Двата посилни модели се изработени од нерѓосувачки челик, додека XR моделот од алуминиум. Ова се разбира се однесува на страните, додека остатокот од телефонот е од стакло.

Новите iPhone модели доаѓаат со A12 Bionic чип којшто е прв кај смартфоните кој е изработен во 7 нанометарска технологија. Овој чип е со шест јадра, од кои 4 работат со помала потрошувачка, а 2 се наменети за „посериозни“ активности.

Како и кај повеќето од поновите конкуренти, чипот на Apple поддржува вештачка интелигенција и машинско учење кое покрај за други работи, значително ќе го подобри квалитетот на фотографиите.

Кога сме кај фотографиите, двата поскапи модели доаѓаат со подобрени двојни камери на задната страна со 12 мегапиксели. Овие камери овозможуваат многу подобро проценување на длабочината на сликата, а со тоа овозможуваат и подобар ефект на заматување на позадината.

Подобрувањето во камерите кај новите iPhone модели овозможува подобрена работа на Face ID системот којшто Apple го воведе наместо сензор за отпечатоци. Овој систем врши скенирање на лицето, е доста подобар од обичните препознавања на лицето кои се прават само преку камерата, а со новите модели тој е уште попрецизен и посигурен.

Двата поскапи модели исто така доаѓаат со поддршка за 2 SIM картички, што е доста популарна можност во голем број на земји.

Повеќе информации за новите телефони можете да прочитате на страната на Apple, односно за iPhone XS и XS Max тука и за iPhone XR тука.