Европската Вселенска Агенција (European Space Agency – ESA) во соработка со Airbus и IBM Watson, го испрати во вселената првиот AI асистент наменет да им помага на астронаутите кои се наоѓаат во Вселенската Станица. Тој беше пуштен на станицата порано оваа година, меѓутоа сега го имаме и првото видео од неговата интеракција со германскиот астронаут Александер Герст.

CIMON е со големина од една кошаркарска топка и е направен да може да се движи во скоро бестежинската состојба на вселенската станица во орбитата на Земјата. Тој тоа го прави преку вградените мали вентилатори насочени во повеќе насоки.

Софтверот е направен во соработка со познатиот Watson од IBM, а изработката е направена од страна на Airbus по нарачка од страна на Германската Вселенска Агенција.

Целта на еден ваков асистент не е ништо поразлична од таа која ја имаат AI асистентите достапни комерцијално за “обичните” корисници во домовите. Овие асистенти овозможуваат интеракција со корисниците, извршување на одредени активности, пребарување на информации и повеќе.

Видеото во продолжение е првото видео кое го објави ESA и преку истото може да се види интеракцијата на CIMON со Герст. Она што е интересно е што истата не поминува баш како што би се очекувало. CIMON не сака да ја смени темата кога доаѓаат на разговор за музика, па дури и се жали на тоа дека Герст е злобен со него.

Доста од медиумите во САД ја пренесоа оваа вест, споредувајќи ја интеракцијата со познатиот HAL 9000 од 2001: A Space Odyssey, кој во легендарниот филм одбива да ги слуша командите од астронаутите и понатаму верувам дека знаете што се случува.

Оставете коментар