Извор: TechCrunch

Основачот и генерален директор на Tesla и SpaceX, Eлон Маск е познат по неговите футуристички визии за светот и инвестирањето во нови технологии кои ќе го олеснат животот на луѓето. Неговата последна инвестиција е „Компанијата за дупчење“ (The boring company), чиј пак прв проект беше да се ископа дупка, со соодветни димензии, во која ќе може да се смести машина за дупчење, односно копање тунели. Од таму, машината се очекува да копа хоризонтални тунели низ почвата.

Целата приказна ја потврди вработен во SpaceX (инаку местото на чиј паркинг ќе се случуваат ископувањата), кој постираше фотографија на Instagram, на која може да се забележи огромната машина за ископување обележена со новото лого на компанијата. Фотографијата подоцна беше отстранета, меѓутоа што еднаш ќе се појави на интернетот, останува таму засекогаш…

Маск посочи дека тој ја гледа иднината на патувањето во подземниот транспорт, за разлика од конкуренцијата која во моментов разгледува опции патувањето да го префрли на небото. Претходно, Uber, ги обелодени намерите да создаде мрежа од „летачки такси возила“ кои ќе ги разнесуваат патниците наоколу по речиси истата цена како традиционалниот такси превоз. Од друга страна пак, еден од ко-основачите на Google, Лери Пејџ, инвестира во два стартап програми кои се занимаваат со развој на летачки возила, Zee.Aero и Kitty Hawk.

Веднаш може да се забележи спротивставеноста помеѓу идеите на Маск и останатите конкуренти, меѓутоа, Маск има добри аргументи во полза на сопствената идеја. Имено, иако летачкиот транспорт дефинитивно предизвикува поголемо ниво на фасцинација, подземниот транспорт би бил многу поедноставен и практичен. Контра-аргумент на идејата за летачки транспорт се за почеток, строгите регулации. Спротивно на тоа, Маск се обидува да ја искористи технологијата која е во функција со децении, унапредувајќи ја и ставајќи ја на услуга на модерните потреби.

Според неговиот концепт, би можеле да се конструираат мрежи од преку 30 нивоа на тунели чиј капацитет ќе ги акумулира традиционалните автомобили, но и возови наменети за долги патувања, како и Hyperloop системот кој беше претставен уште во 2013-та година, а во моментов е во фаза на изведба.

Извор: BusinessInsider, Twitter, Inc.com

Претходна статијаПокана за квалитетните компании во Македонија
Следна статијаGoogle Maps ќе памети каде сте паркирале