Фото: Škoda

Групацијата Volkswagen до 2025-та година планира сериозно да го прошири својот асортиман на електрични возила. Според планираното, Škoda ќе биде брендот под кој ќе бидат конструирани дури 5 комплетно електрични возила.

Првите чекори во реализација на идејата можат да се забележат и денес, преку моделот на Škoda Vision E. Се работи за електричен „кросоувер“ кој е пионер на компанијата, што се однесува до електричните возила. Како што велат од компанијата: „Vision E е нивниот прв комплетно електричен модел кој дополнително овозможува автономно управување.“

Vision E претставува имплементација на она што ја карактеризира Škoda, во комплетно нов целосно електричен автомобил, дополнително вклучувајќи иновативни технологии, последните системи за асистенција, и особено комфор.

Што се однесува до димензиите на автомобилот, на општо изненадување, првото издание е всушност поголемо од она што првично беше претставено. Па така, Škoda Vision E е 4,68 метри долга, 1,92 широка и 1,59 метри висока. Ваквите пропорции, во дадениот дизајн оставаат впечаток на крупен и доминантен автомобил, на сметка на очекуваниот „купе“ изглед.

Осветлувањето е комплетно изведено со LED сијалички кои се распоредени по целата ширина на предната маска, задниот дел и двете предни врати. Осветлувањето се потпира на LED Matrix технологијата.

Електричниот погон возилото го добива од литиум-јонска батерија со капацитет да го напојува двојниот мотор со моќност од 301 кс и потенцијал да премине околу 500 километри. Новата Škoda Vision E ќе може да развие максимална брзина од 180 км/ч. Системот за полнење на батеријата е во можност да наполни 80% од вкупната запремина на батеријата за само половина час.

Интересен детал во врска со ентериерот е тоа што седиштата се ротираат за 20 степени при отворање на вратите, што овозможува полесно сместување во автомобилот. Седиштата потоа се враќаат во првобитната положба, откако вратите ќе се затворат.

Секој од патниците има сопствен дисплеј, како и уште еден дополнително, помеѓу возачот и совозачот каде се прикажуваат важни податоци и функции наменети за патниците од предниот ред. Секоја од вратите вклучува и опција за полнење на мобилни уреди.

Покрај тоа, Vision E ќе знае да препознава команди издадени со движење на рацете и говорни команди, сензори за положбата на очите на возачот, ќе ја следи работата на срцето на возачот и  ред други примарно безбедносни мерки.

Во чекор со конкуренцијата, Škoda обезбеди и систем за автономно возење од трето ниво. Тоа би значело дека системот ќе биде во состојба самостојно да управува, меѓутоа возачот во секое време би требало да биде подготвен да ја превземе контролата. Системот „ќе знае“ да забрзува, кочи и врти на отворен автопат, како и унапредениот систем за асистенција при паркирање. Автопилотот за паркирање знае да навигира кон празно паркинг место, но дополнително има опција да „научи“ да изведува маневри кои сопственикот ги преферира.

Сепак, ќе треба да помине доволно време за да овој концепт стане секојдневие на улиците низ светот. За почеток, Škoda ќе го претстави својот прв plug-in хибрид од моделот Superb, најрано во 2019, за до 2025-та да бидат додадени уште 5 комплетно електрични варијанти на веќе постоечки модели.

Извор: CarMagazineUK, NewAtlas, Škoda

Претходна статијаGoogle Photos ќе ги стабилизира вашите „раздрмани“ видеа
Следна статијаСатја Надела: Microsoft ќе прави уште телефони