“Ако во џебот ми остане и само уште еден долар – ќе го потрошам на ПР“ – Бил Гејтс

Дали г-дин Гејтс навистина го кажал ова или не, со сигурност не би можел да кажам, но ние од комуникациската индустрија често пати го употребуваме кога сакаме да ја потенцираме важноста на нашата професија, така што самиот цитат и да не бил “дело“ на славниот милијардер и некогаш најбогат човек на светот (туку можеби паметно скоцкан од некој ПР-овец), во целост ја отсликува пораката која треба да им е совршено јасна на сите кои посакуваат континуиран успех на нивниот бизнис. Посебно треба да им биде јасна на македонските стартапи.

Не би сакал да бидам погрешно разбран дека сите македонски стартапи не ја разбираат моќта и значењето на насочените комуникации за нивниот раст и развој, но факт е дека мнозинството од нив тоа не го практикуваат како што треба.

Сум имал прилика да бидам дел од стартап компании каде успешно биле завршувани неколку фази на финансирање и сум стекнал драгоцено искуство разговарајќи со разно разни инвеститори, финансиски советници и бизнис консултанти и секогаш разговорите завршувале со суштински прашања кои во основа ја имале логиката позади тоа како компанијата ќе биде перцепирана во наредниот период, што е она на кое ќе се работи и како тоа ќе влијае за зголемување на вредноста на инвестицијата (и нормално самата компанија).

За стартапите целосно да ја разберат важноста на ПР-от за нивниот бизнис и шансите да добијат инвеститор, најпрво треба да бидат свесни за начинот на кој инвеститорите размислуваат во моментите кога носат одлука за финансирање. Ова е исклучително важно за првичното т.н. early stage финансирање кое во праска е и најтешко да се добие.

Дека бизнисот не треба да Ви биде на power-point туку реален и со реални луѓе кои се заинтересирани и веќе го купуваат вашиот прозивод/услуга позади кои што стои добро воигран тим кој нема да се распарчи на првата кривина, чинам дека Ви е веќе јасно, и тоа е првото што го добивате како “услов“ за некој инвеститор да почне да зборува со Вас.

Но подеднакво важно во светот на VC фондовите и стартапите е едно непишано правило кое вели дека “Вашата прва инвестиција зависи и од веројатноста колку побрзо таа наскоро ќе стане втора инвестиција“ или парафразирано, на првиот инвеститор му е исто така многу важно за колку брз период ќе може да се најде втор инвеститор, на вториот–трет, на третиот-четврт итн., односно каква ќе биде идната вредност, т.е. перцепција за компанијата за првиот инвеститор после некое време да може да направи излез и да заработи од тоа што препознал добра идеја која се развила во компанија што продава и може да осигура “сигурност“ на вториот инвеститор дека тој ќе има бенефит од вложувањето пари во тој тим. Значи зборуваме за Вашата РЕПУТАЦИЈА.

Репутацијата го означува установеното мислење за позитивностите и негативностите за некого/нешто. Менаџирањето со репутацијата на клиентот е работата со која ПР професионалците се будат наутро и легнуваат навечер, а тоа истото треба да го прават и сите оние кои имаат или планираат да почнат свој стартап.

Нема ништо повредно за еден стартап од неговата добра репутација. Вашата репутација го претставува секој единствен аспект како компанијата е поврзана со надворешниот свет, вашите сегашни клиенти, идни клиенти, широката јавност и медиумите.

Да се спасува оштетена репутација е многу потешко отколку да се изгради добра репутација од нула, клиентите паметат, а паметат и инвеститорите. Затоа кога размислувате за Вашиот стартап, за услугите/продуктите кои ќе ги нуди, за тоа какви дистрибуциски канали ќе користи, каква маркетинг стратегија ќе имплементира или какви вработени, советници и консултанти ќе ангажира, вклучете и дел кој ќе се однесува на менаџирањето со Вашата репутација. Градењето на добра репутација бара време, напор и трпение. Бара и луѓе кои ги разбираат односите со јавноста. Бидете сериозни кога правите финансиски планови пред инвеститорите и предочете им дека планирате нивната инвестиција да ја “негувате“ со професионален пристап кон комуникациите.

А која е тајната на добрата репутација?  Да станете некој кој ја заслужува. Константно да преземате активности кои ќе ги отелотворуваат карактеристиките кои сакате другите да ги асоцираат на Вас. Немојте да се фолирате со приказни за напорна работа, лојалност, внимание кон детали….живејте го тоа….но немојте да го форсирате, оставете другите да ги пронајдат овие атрибути во вас на нивниот начин.

Тоа што треба да Ви биде кристално јасно е дека Вие не “ја поседувате“ Вашата репутација, иако таа постои и Вие “сте и дале живот“. Вие не можете точно да одредите какво мислење ќе имаат другите за Вас – туку тоа со Вашите активности можете само да го менаџирате.

За да бидете успешни во тоа, треба да дозволите на ПР професионалците да си ја Вршат својата работа… и да, да инвестирате во нив…..макар и последниот долар.

Автор: Борис Ефтимовски
boris@marketing365.mk

Претходна статијаФондот ИЛИРИКА ЈИЕ со признание од реномираниот Investors Review од Британија
Следна статијаCreators Update ќе донесе позитивни промени во приватноста за Windows 10 корисниците