Windows 10 уште од првите денови на своето постоење, беше мета на коментари и обвинувања дека недоволно ја штити приватноста на корисниците. Ова трае до ден денес, но Microsoft наскоро ќе го промени во Creators Update, каде корисниците ќе имаат многу поголема контрола и увид во тоа кои нивни податоци ги користи Microsoft.
Токму тоа беше и главната загриженост на корисниците – дали тоа што го прават на својот компјутер е целосно приватно. Со Cortana и Bing, кои се вградени во самиот оперативен систем, Microsoft има многу подлабок увид во тоа за што корисникот го користи својот компјутер, податоци кои потоа можат да се искористат за таргетирано рекламирање.
Во Creators Update ќе има значајни промени кои ќе му помогнат на корисникот полесно да се заштити. Имено, Microsoft со оваа надградба ќе овозможи посебна веб базирана контролна табла, каде корисникот ќе може да ги види сите активности што ги има направено на Cortana и Bing како и локациите кои ги посетил и потоа да ги избрише. Преку оваа алатка, тој ќе може да ја избрише и целосната активност на прелистувачот Edge.
Покрај тоа, Windows 10 со Creators Update многу подобро ќе ги известува корисниците за тоа кои податоци и информации ги користи оперативниот систем. Потоа, корисникот ќе може да исклучи дел од тие информации, како на пример локацијата или пак податоци за грешки во оперативниот систем, односно да и забрани на Cortana да го слуша говорот.
Сето ова ќе има мал негативен импакт на користењето на вашиот компјутер, со тоа што ќе гледате помалку релевантни “Bing” реклами на интернет и во бесплатните апликации, односно реклами кои не одговараат на вашите преференции. Верувам дека поголемиот дел од корисниците не ги ни погледнуваат рекламите, па ова е компромис кој не е проблем да се прифати.
Извор: GHacks, Mashable, Windows Blog