Заморот во очите од долго користење компјутер е толку честа појава, што дури си има и име – Computer Vision Syndrome. Симптомите ви се сигурно познати – заматен вид, главоболка и уморни, суви или насолзени очи.

За повеќето од нас, овие симптоми се минливи и штом се тргнете од компјутерот, ги снемува многу брзо. Но проблемот е што може да се појават и после само два часа работа, а шансите се големи дека седите на компјутер многу подолго од два часа.

Причината за оваа појава е што, за разлика од читање печатени материјали, кога користиме компјутер помалку трепкаме. Според University of Iowa Health Care, трепкаме до три пати помалку кога читаме од монитор, што ги суши очите. Постојат и други причини за тоа – контрастот помеѓу симболите на мониторот е помал за разлика од печатените материјали и линиите кои ги формираат буквите се матни. Тоа ги тера нашите очи да работат понапорно.

Во идеални услови, вашиот монитор треба да е поставен на 50 до 70 сантиметри оддалеченост од вашите очи, под агол од 15 до 20 степени. Исто така би било идеално да правите паузи за време на работата. Пробајте да направите 20 секунди пауза на секои 20 минути работа, со тоа што ќе гледате во точка на барем 5 метри оддалеченост.

За оние кои не носат диоптриски очила, можат да си набават стакла со специјален поларизиран премаз, кој го намалува отсјајот од мониторот и го зголемува контрастот, па вашите очи ќе бидат одморени дури и после долгото работење на детални табели или жестоки твитови.

Ефектот на суви и уморни очи е значително поголем кај оние кои носат контактни леќи, бидејќи трепкањето е веќе намалено. Користете капки за очи кои помагаат да се зголеми влажноста или користете очила додека работите пред монитор, бидејќи значително помагаат да не ви се заморуваат очите.

Ако не се пронаоѓате во овие две групи, можеби е време да посетите офталмолог. Луѓе кои имаат недијагностицирани проблеми со видот се поподложни на ризик од замор во очите. Добрата вест е што вашиот вид е безбеден на долг рок. Само не заборавајте да се грижите за вашите очи.

Претходна статијаИнтервју со победниците на Social Impact Award
Следна статијаSurface Pro 5 ќе биде првиот уред со “Neon” дизајн за Windows 10?