За Microsoft иднината е во креирањето 3D содржини на нашите компјутери

Напишано на 31.10.2016 - 14:38 од Иво Гиевски

paint-3d-1

Уште со претставувањето на HoloLens, Microsoft ни покажа иднина на холограми и виртуелни 3D објекти во просторот кој не опкружува. Сега, со Creators Update за Windows 10, тие претставуваат и софтверски решенија, кои ќе им овозможат на сите корисници на нивниот оперативен систем лесно креирање на 3D содржини кои потоа ќе можат да се гледаат на уредите како HoloLens, Oculus Rift и HTC Vive.

Според Меган Сандерс, девојката која го предводи одделот за 3D на Microsoft, новата Paint 3D апликација овозможува исклучително лесно креирање на 3D објекти кое можат да го користат скоро сите корисници. Досега, за креирање на 3D објекти на вашиот компјутер, требаше да имате прилично сериозни програми за графички и 3D дизајн или пак CAD програми.

Со Paint 3D ова драматично ќе се промени, а сигурен сум ќе се промени и начинот на кој се претставуваме на социјалните мрежи – наместо со 2D фотографии, Creators Update отвора можност за постирање 3D верзии од корисниците, што е навистина кул. Притоа, корисниците ќе имаат можност и буквално да ги пренесат 3D објектите од нивното опкружување во виртуелна верзија со нова апликација која во почеток ќе биде достапна за Windows Phone, а подоцна и за останатите платформи.

paint-3d-1

Но, Сандерс вели дека ова е само почетокот. Paint 3D е само никулецот од кој потоа ќе се развива цел еко систем на програми (вклучувајќи ги и Office програмите, како на пример PowePoint, кои ќе имаат целосна поддршка за 3D објекти) и платформи за вклучување на заедницата во креирањето на 3D содржини.

Имено, заедно со Paint 3D тие лансираат и онлајн платформа, на која корисниците ќе можат да постираат дел од своите објекти за потоа тие да може да ги користат останатите корисници. Поточно, доколку креирате 3D околина во Paint и ви треба некој 3D објект, како на пример масичка, неа ќе можете да ја најдете на социјалната платформа и тоа директно од апликацијата.

ms

На крај, Меган Сандерс вели дека во иднина 3D креирањето ќе зазема се поголем дел од нашите животи и ќе биде интегрален дел од тоа како ќе ги користиме нашите компјутери и паметни уреди. Ова е и нормално – со развојот на виртуелната и изменетата реалност, потребата од креирање на 3D објекти и околини е поголема од било кога.

Извор: Tech Crunch

За Авторот

Пасиониран возач на спортски автомобили и длабоко навлезен во светот на автомобилизмот. Редовно ги следи последните случувања во квантната и астрофизиката, а е заљубен во универзумот. Не може да одолее на секое подобро парче хардвер што ќе излезе на пазарот и тогаш обично е залепен за мониторот, читајќи ги сите спецификации и новитети.