Сакате да ги направите вашите фотографии подобри, односно да ги „фотошопирате” со популарниот програм за преработка на слики “Photoshop”? Иако на прв поглед делува лесно, “Photoshop” е сепак сериозен софтвер кој бара знаење и одреден број на вештини. За оние кои не сакаат да навлегуваат во магијата на овој софтвер, Adobe претстави концепт апликација за iOS, во која ќе може да се преработуваат слики само со гласовни команди.

Она што се прави на концептот претставен на видеото подолу и не е некоја сериозна преработка – сечење на фотографија или ротирање во други апликации се прави со само едно допирање на дисплејот. Сепак, Adobe со оваа апликација сака да покаже во која насока го движи развојот на своите програми за преработка на слики. Поточно, тие планираат софтвер со дигитален асистент кој ќе има вештачка интелигенција, специјално насочена кон разбирање на фотографиите и потребите на корисникот. Од Adobe велат дека ова е првиот чекор кон систем кој може целосно да ги разбере потребите на корисникот и следствено на тоа да ја преработи фотографијата според неговите потреби.

Ваквиот софтвер сепак лично не го гледам како замена за “Photoshop” за Windows и Mac OS, односно како алатка за професионалците. Барем не набрзо. Имено, “Photoshop” е толку добро развиен за потребите на корисниците со кратенки и акции, кои откако ќе ги научите се прават за само неколку секунди, многу пократко отколку што треба да ја кажете командата. Секако, сето ова важи се додека вештачката интелигенција не стане толку напредна што вие само ќе треба да и кажете „направи ја фотографијата подобра” и да оставите на неа.

Извор: 9 to 5 Mac, The Next Web, Engadget

Претходна статијаПаметните телевизори со Android се мета на хакерски напади со изнуда на пари
Следна статија35 години Олимпиа Моторс – 100% ориентирани кон грижата на возилата на нашите клиенти