google-photoscan-1

Тимот во Google којшто стои зад развојот на Google Photos апликацијата оваа недела претстави нова апликација наречена PhotoScan, специјално наменета за скенирање на оние стари слики, знаете пред измислувањето на дигиталните апарати, смартфони и просторот за складирање на податоци во облакот.

Одамна сликите кои ги сликаме ги чуваме само дигитално, односно на нашите мобилни телефони во главно, а исто така ги зачувуваме во облакот. Тоа овозможува тие да бидат сигурно бекапирани, во случај да го промениме телефонот или доколку нешто се случи со него. Исто така, на овој начин едноставно можеме да ги покажеме на некој од другите уреди, но најважно, да ги споделиме со пријателите на социјалните мрежи.

Старите слики, отпечатени на обична хартија, како што истакнуваат од Google, сигурно ни стојат на купче во некоја кутија, ставена којзнае каде. Сигурно многу од нас имаме направено дигитална копија од овие слики, дали преку скенер, плаќајќи во некое фото студио, па дури и со обично сликање со нашиот телефон.

Од Google веруваат дека имаат направено апликација која ќе може да ги замени сите овие начини со една едноставна апликација, а сето тоа ќе го направи брзо и квалитетно.

Од тоа што може да се види, односно како PhotoScan ги скенира сликите, остава впечаток дека тоа навистина е со добар квалитет.

Процесот е нешто подолг од обично сликање на хартиената слика, а тоа е и методот што овозможува добивање на подобар квалитет на дигиталната слика. Кога ќе ја отворите апликацијата и насочите кон вашата хартиена слика, потребно е да направите четири слики, кои ќе ги направите на начин сличен како сликање на панорамска слика.

Се појавуваат четири кругчиња кои треба да ги погодите, а со тоа се прави и сликањето. Поради сликањето на четири слики, наместо една, PhotoScan е во можност да направи комбинација која ќе биде почиста, ќе нема отсјај и слично.

google-photoscan-2

Потоа сликите се зачувуваат на вашиот мобилен телефон и можете да ги прикачите на кој сакате сервис. Се разбира од Google би сакале да ги чувате на нивната Photos апликација, а не гледаме причина и зошто не би го направиле тоа.

Да потсетиме, Google Photos овозможува неограничен простор за чување на сликите, доколку при прикачување го изберете режимот со висок квалитет, наместо оргиналниот.

Покрај претставувањето на новата апликација, од Google Photos истакнаа дека пуштаат надградба и на основата апликација. Истата сега ќе има повеќе можности за едитирање на сликите, како и нови автоматски филмчиња кои се креираат од сликите.

Google PhotoScan е достапна за двете најпопуларни платформи, односно на Android Play Store, како и на Apple App Store.

Извор: Google, The Verge, Engadget

Претходна статијаHuawei Mate 9 Pro е истиот уред како Porsche Design Mate 9, но со многу пониска цена
Следна статијаOnePlus го претстави 3T – доаѓа со поголема батерија која побрзо се полни и најновиот Snapdragon 821
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.