Можеби една од најинтересните работи кои ги презентираше Google вчера, на првиот ден од нивната I/O конференција е Google Lens.
Се работи за технологија базирана на вештачка интелигенција која ќе овозможи целосно препознавање на работите кон кои ќе ја насочиме камерата на телефонот. Оваа технологија сепак треба да овозможи многу повеќе, односно препознавањето на работите нема да биде крајот на приказната.
Еден пример за тоа како ќе може да се користи оваа технологија е автоматското поврзување на Wi-Fi мрежа со едноставно насочување на камерата на налепниците од рутерот. Се разбира за ова да функционира ќе биде потребно да ги немате променето стандардните податоци од рутерот или да поставите нови кои ќе бидат соодветни.
Како и да е, навистина интересна можност која ќе ја тргне онаа досадна потреба од барање, па читање на сложената лозинка од различни букви и бројки на пријателите кои ни дошле на гости, а не сакаат да си трошат од нивните мобилен интернет.
With Google Lens, your smartphone camera won’t just see what you see, but will also understand what you see to help you take action. #io17 pic.twitter.com/viOmWFjqk1
— Google (@Google) May 17, 2017
Да речеме, поедноставната можност на Google Lens ќе биде можноста да ги препознава работите кои ги гледаме низ камерата и да ни даде повеќе информации. Покрај тоа, доколку тоа што го гледаме е на јазик што не го разбираме, Lens ќе го направи преведувањето.
Во основа, сервисот се поврзува со веќе постоечките технологии на Google, па со помош на веќе доволно развиената ВИ, можностите ќе бидат неограничени. Нашите паметни телефони полека ќе почнат да стануваат уште покорисни.
Повеќе информации за Google Lens ќе можеме да прочитаме со тек на време како што технологијата ќе станува достапна за корисници, односно во месеците што следат.