Наслови кои гиковите нестрпливо ги очекуваат во 2017

Напишано на 04.01.2017 - 12:17 од Смартпортал

Обожавателите на добриот sci-fi филм имаат многу на што да се радуваат во 2017 година. Најавени се продолженија, нови верзии на стари хитови и екранизации на славни книжевни изданија. Момците од CNet се потрудиле да направат листа со 68 наслови кои не очекуваат наредните 365 дена, од кои ние за вас ги издвоивме најзвучните, а за остатокот кликнете го претходниот линк и извадете ги календарите.

Underworld: Blood Wars (јануари)

Технички, филмот е достапен во кината од крајот на декември, но официјална премиера е најавена за 6-ти јануари. По дебаклот со Awakening од 2014, на кој лично многу се радував, ова продолжение го прифаќам со доза на резерва, но како што може Resident Evil да извади по некое доларче од кино салите, зашто да не и ова име? Бидејќи конечно ќе се случи нешто што во приказните е невозможно – сплет на двете завојувани раси, му давам шанса.

Resident Evil: The Final Chapter (јануари)

Како што рековме, Resident Evil секогаш се враќа да исцеди по некое париче од верните посетители на кината. The Final Chapter е соодветен поднаслов, бидејќи ова е последното враќање на Milla Jovovich како Alice, во обид се одмазди на the Umbrella Corporation.

Logan (март)

Дали најголемиот, најобожаваниот, најтврдоглавиот член на X-Men ќе го доживее својот крај во ликот на Hugh Jackman, актерот кој за прв пат го оживеа Wolverine пред 17 години и кој беше олицетворение за намачениот анти-херој до сега? Logan ќе ја заврши сагата за Wolverine со тоа што ќе биде повеќе од кинематски спектакл – ова ќе биде вистински филм за возрасни.

Ghost in the Shell (март)

Ова е посебен тип на радост за манга гиковите. Насловот Ghost in the Shell во мангата е исто што и Господарот на Прстените во литературата – култно следење и милиони обожаватели кои очекуваат доследност до оригиналот. Не е чудно што истите обожаватели не беа воодушевени кога Холивуд ја одбра Скарлет Јохансон да ја глуми The Major, а и други ликови добија бели актери, наместо азијати. Судејќи по трејлерот, беспрекорно покриен со римејк на Enjoy the Silence, Скарлет одлично си ја врши работата, па останува да видиме дали за три месеци ќе им биде простено.

Power Rangers (март)

Ако има некој кој не слушнал за Power Rangers, под итно да седне и да ги изгледа американските епизоди. Има и јапонски, кои се оригинални и инспирација за првиве, меѓутоа она што навистина ги направи славни овие тинејџери беше американската продукција. Се ежам кога ќе ми текне на лошите ефекти, евтината глума и катастрофално синхронизираните дијалози под маските (верувајте ми, ова го кажувам со многу љубов!). Оваа верзија нуди нов поглед на нештата, нови имиња во етерот многу помалку боза меѓу дијалозите.

Pirates of the Caribbean: Dead Men Tell No Tales (мај)

Ни Дизни не заостанува со трендот на рециклирање во име на стара слава, па така годинава ќе добиеме ново продолжение на славните пирати. За разлика од четворката, во новиот филм се најавени и Will Turner и Barbosa, што многу ме радува! Поминаа 6 години од последниот филм, кој лично не ме воодушеви, па се надевам дека пријатно ќе се изненадам во мај.

Wonder Woman (јуни)

Ликот на кој се угледуваат многу девојки конечно добива момент на големото платно! Пред да стане Wonder Woman, таа беше Диана, принцеза на Амазонките, кога ќе спаси американски воен пилот (кој го игра Chris Pine, леле мори мајко!) на брегот на нејзиниот остров и ќе одлучи да го напушти домот за да помогне да се освои војната која ќе ги спречи сите војни! Многу се надевам дека нема да ја упропастат нејзината приказна, а јас ќе ја испочитувам и уште од сега одвојувам пари да ја гледам во кино!

The Dark Tower (јули)

Славниот еп од Стивен Кинг си го пронајде патот до големото платно со помош на Sony,чија премиера е закажана за јули. Муабетот по интернетот е дека успеале да вклопат елементи од сите 8 книги во филмот, така што ќе успееме да ја погледнеме цела антологија на The Gunslinger,  кој го глуми Idris Elba и неговите патешествија во потрагата по Темната Кула и поразот над The Crimson King. Бидејќи на продуцентскиот трон седи Ron Howard, не се сомневам дека навистина ќе биде епско доживување!

It (септември)

Причината поради која постои страв од кловнови, доаѓа на големото платно. Приказната останува иста како и во делото на Steven King, но Pennywise добива нов изглед. Ако сте ја погледнале мини серијата од 1990 година, дајте му шанса и на ова издание.

Blade Runner 2049 (октомври)

За ова продолжение веќе ви зборувавме. Чекавме повеќе од 30 години за ова продолжение, така да нема да должиме многу. Кликнете на линкот за да го погледнете трејлерот.

Friday the 13th (октомври)

Да, уште еден филм. За жал, ништо не се знае за ова продолжение, освен дека премиерата е закажана за 13 октомври, петок. Браво!

Justice League (ноември)

Откако Супермен се жртвуваше да го спаси човештвото, конечно Брус Вејн и Диана Принц ќе го формираат составот кој треба да ги штити луѓето од новата напаст во универзумот на DC. Прв противник на Justice League ќе им биде Steppenwolf, античкото битие кое веќе еднаш го има убиено Супермен (барем во стриповите). Трејлерот е солиден и ветува многу, а јас, како заколнат обожавател на Marvel, ќе сторам гајрет и ќе ги ставам во буџетот за кино за 2017.

Jumanji (декември)

Новите времиња носат нови гледишта на нештата, па така е и со новата верзија на славниот филм од 1995 – четворица тинејџери ќе бидат вовлечени во светот на Jumanji и за да ја излезат, треба да играат како ликовите од играта. Ако земете предвид дека Dwayne Johnson го предводи филмот, најуспешниот и најплатениот актер за 2016 година, ова издание треба да биде приказна сама за себе. Годината само што започна, треба да ја чекаме да заврши цела пред да дознаеме дали го направиле вистинскиот избор.

Се надеваме дека израдувавме барем некој од вас! Нека ви е среќна новата година и ви посакувам многу уживање со добар филм!

За Авторот