Во една сцена од филмот Гатака, главниот протагонист, Винсент, е повикан на интервју за работа во реномирана компанија. Проблемот е што Винсент живее во свет каде што технологијата е напредната до тој степен што работодавците можат да ѕирнат во ДНК-та на кој било кандидат за работа, и да ги воочат неговите генетски квалитети, неговиот IQ, неговото минато, како и проекција за неговата иднина. Поради неговиот „обичен“ генетски материјал, тој се откажува од интервјуто. Во овој свет, се е однапред познато. Не мора да чекате за да го дознаете полот на вашето бебе, истиот може однапред да го одберете, исто како и неговата коса, боја на очи, карактер итн.

Технолошкиот прогрес овозможува огромна (компјутерска) статистичка моќ, што пак овозможува автоматска анализа на незамисливи количества на податоци. Истава моќ може да биде употребена и за генетска дискриминација при вработување, како што тоа е прикажано во Гатака, каде преку проверка на нашето „биолошко резиме” компаниите одредуваат кој е доволно вреден.

Гатака е научно-фантастичен филм снимен во 1997 година, но неговата проекција за иднината и не е толку налудничава. Како што ги префрламе нашите животи онлајн, така создаваме огромно количество на податоци кои можат да бидат пресретнати од различни страни. Во најголемиот дел од случаите, ние не знаеме за што, и како се користат овие податоци, и од кого. Дополнително, од различни страни сме уверени дека ги поседуваме сите податоци што ги произведуваме додека сме на интернет.

Дали сме сопственици на дигиталната содржина што сме ја купиле?

Кратко и јасно, НЕ. Доколку купиме книга од Амазон, таа не е наша, туку ни е дадена на заем. Истата не можеме да ја дадеме на некој друг да ја чита, како што можеме со физичка книга. Песните што ги купуваме од iTunes се само песни за кои имаме дозвола да ги слушаме, но тие не се наша дигитална, ниту каква било сопственост. Гугл, Фејсбук, и Епл веќе знаат повеќе работи за нас отколку што и самите знаеме за себеси. За некои тоа е благослов (ако знаат се за мене, тогаш ќе добивам производи што навистина ми се допаѓаат), а за некои дистописки кошмар.

Арал Балкан има слична поента:

Гугл, Фејсбук, итн, се кираџии кои ви го изнајмуваат вашиот дом за без пари или за намалена такса во замена за правото да ве набљудуваат. Вие ги чувате вашите ствари на нивните услуги. Гугл дури и ви продава евтин хардвер и слободен софтвер за да ви го олесни користењето на нивните услуги. И, освен ако не сте über geek кој може да си направи сопствен сервер и да инсталира, конфигурира, и стартува софтвер со отворен код, немате други алтернативи.

Ако гореспоменатите компании се нашите дигитални „кираџии“ на кои им ги даваме нашите податоци, тогаш разузнавачките служби се тие кои можат да ги присилат „кираџиите“ да ги предадат тие податоци без наше знаење. Најчесто, на „кираџиите“ им е забрането воопшто да обзнанат дека ги дале тие податоци, ставајќи не нас, корисниците, во мрак околу нивната (зло)употреба од овие ентитети. Поради ова, време е за повеќе транспарентност, и отчетност во употребата, и дисеминацијата на нашите податоци.

Претходна статијаГолема акција за третиот роденден на КупиКнига.мк
Следна статијаGmail за Android со унифициран инбокс за сите ваши сметки