pia20053-16

Пред некое време пишувавме за ѕвездата KIC 8462852 и тоа што беше откриено во скенирањето од страна на вселенската набљудувачка станица Kepler. Имено, на снимките од Kepler кој цели 4 години го снимал овој ѕвезден систем се откри чуден феномен каде што светлината која доаѓа од ѕвездата беше испрекината на чуден начин.

Прекин во светлината од ѕвезди често се случува. Впрочем, тој е еден од најдобрите начини за научниците да го откријат присуството на планети околу нив, нивната големина, состав и така натаму. Во овој случај прекинувањата биле со многу неправилна структура, поттикнувајќи ги некои да шпекулираат дека можеби околу ѕвездата е изградена вонземска суперструктура која ги предизвикува, а не планети или други „природни“ вселенски тела.

За жал, како што и се очекуваше, најверојатното објаснување се’ уште останува најверојатно, а тоа е дека околу KIC 8462852 се врти „екипа“ на комети кои имаат чудна патека на движење. Екипата е веројатно составена од една огромна комета позади која итаат повеќе мали, што го објаснува чудното неправилно прекинување на светлината која стигнала до нас.

„Доказот“ за ова бил доставен од NASA кои го испитувале можниот инфрацрвен сигнал кој обично доаѓа од ваквите системи во случаи на судари меѓу планети, астероиди, комети и други огромни вселенски тела, судар кој би го објаснил прекинот во светлина. Во таков случај парчињата се доволно усвитени и топли за да праќаат инфрацрвени зраци кои можеме да ги откриеме тука на Земјата. Во овој случај, пак, немало инфрацрвени зраци што имплицира дека се работи за екипата на комети кои весело ротираат околу ѕвездата и ни креваат лажни надежи за вонземски живот.

Извор: Engadget, NASA

Претходна статијаDojo – Интелигентен домашен дигитален заштитник
Следна статијаViber воведе можност за бришење на испратените пораки