pia19807
Curiosity го открива (сегашниот) врв на нарцисизмот и си прави селфи. На Марс.

Откривме вода на Марс! Зачудувачко и неочекувано откритие кое ни смени доста од очекувањата околу оваа планета, па дури до теоријата за настанокот на животот на Земјата. Оваа вода во течна состојба на површината, како што напишавме претходно, е многу солена и заради тоа не се смрзнува.

За жал, засега не смееме ни да помислиме да се приближиме до оваа вода. Причината? Нашите вселенски летала се далеку од потребното ниво на стерилизација за да можеме да си дозволиме да и` пријдат. Имено, астронаутите и научниците неколку пати досега имаат тестирано разни микроби (на пример, Bacillus Pumilus) кои се толку неверојатно отпорни на лоши услови, што преживуваат и до 18 месеци надвор од Меѓународната вселенска станица!

За да се стерилизира опремата потребни се супервисоки температури кои пак можат да ја оштетат електрониката и техниката. Затоа денес се користи комбинација од температурна и хемиска обработка (со хемикалии и со оксидација) која постигнува задоволително ниво, но не доволно за да се пристапи до водата на Марс со било кое од веќе постојните возила таму (на пример, Curiosity).

Од NASA се надеваат дека до 2020 ќе успеат да ја усовршат техниката на стерилизација што ќе им овозможи да постигнат до 300 бактерии на метар квадратен, па и многу помалку. Опасноста да се загади потенцијалниот жив свет со наш е многу голема, а тоа би значело растурање на уникатната микрофлора која можеби се развила на Марс (и која можеби ни е наш предок).

Извор: CNet, QZ

Претходна статијаПронајдете ја најдобрата мобилна тарифа за вас
Следна статијаLi-Fi – Можната иднина на безжичната комуникација