lightbulb_idea_converted

Денес, кога ни треба врска до Интернет најчесто бараме лозинка од некоја безжична мрежа или се поврзуваме на преносен Интернет (3Г, 4Г итн.). Проблемот со ваквиот пристап е што радиофреквенциските бранови потребни за оддржување на вакви врски се ограничени во обем на пренос на податоци, па ако се „закачат“ повеќе корисници се намалува протокот неколкукратно.

Една можна замена за овој проблем е пренос преку видливо светло користејќи LE диоди. Таканаречената Li-Fi се базира на пренесување на сигнали од точка до точка преку воведување на минимално треперење и менување на светлото на диодите. Сепак, тоа нема да биде воопшто приметно бидејќи треперењето ќе се остварува милијарди пати во секунда (додека нашето око може да забележи треперење до 30 пати во секунда во зависност од условите).

Досега се остварени некои импресивни резултати во пренесување на податоци низ светлина од LE диоди. На пример, низ бела диода биле пренесени до 1,7 ГБ во секунда, а преку сина дури 3,5 ГБ во секунда, и тоа само со една диода. Преку дополнително кодирање на повеќе канали врз истата фреквенција, па дури и преку употребување на различни типови на диоди во различни бои, ќе можат да се постигнат огромни брзини кои нема да бидат преоптоварени.

Ваквиот сигнал може да се пренесува до преносните уреди од светилки наредени на таванот и тие така да го примаат сигналот, а воедно има и позитивни придобивки за приватноста. Имено, пренос на податоци преку светлина значи дека ако ги спуштите завесите не може никој да ги открие и снима, за разлика од сегашниот безжичен пренос кој лесно може да се (зло)употреби.

Извор: The Next Web, Pri, GeekSnack

Претходна статијаЗасега не смееме ни да се приближиме до Марсовата вода
Следна статијаIBM работи на супериорни транзистори од јаглерод