“Ние сме Anonymous, ние сме легија, ние не забораваме, ние не простуваме, очекувајте не“. Ова е пораката која ја испраќаат Anonymous до сите корумпирани политичари, влади, оние кои сакаат цензура на интернетот, дикатори, фундаменталисти … Со оваа порака се претставуваат Anonymous и сите оние кои што се членови на оваа група хактивисти.

Потеклото на групата на хактивисти, односно хакери кои се насочени кон промовирање на социјална или политичка кауза, датира уште од 2003-та година и за првпат се појавуваат на страната за споделување и коментирање на слики 4chan, која што се користи низ целиот свет.

Идејата за името го имаат добиено од самата страна каде секој што коментира на сликите е со псевдоним Anonymous и секој има загарантирана анонимност на самата страна. Можат да се препознаат во јавноста и на излагањата на YouTube по маската на Гај Фокс од V for Vendeta, филм кој ја симболизира борбата против корумпираната влада. На нивниот симбол има човек кој што на местото на главата има прашалник што означува разноликоста на групата и дека групата нема лидер.

Иако почнуваат да се организираат во 2003-та и да почнуваат со дејствување во 2006-та, медиумите и јавноста за нив првпат наголемо пишуваат во 2008-ма, година во која тие се здобија со глобална популарност. Project Chanology или Operation Chanology е протестно движење на групата против Сиентолошката Црква поради обидот да се отстрани компромитирачко видео од Интернет, од интервју на членот на црквата Том Круз, од Јануари 2008-ма. Проектот на Анонимните започнува во 2008-ма со објавување на видео на YouTube под наслов “Message to Scientology” во кое ја обвинуваат црквата за Интернет цензура. Набрзо почнуваат со хакерски напади и со мирни протести во кои бараат да се истражат финансиските малверзации на Сиентолошката Црква.

Во 2011 година, откако се обзнани дека Sony го тужи Џорџ Хоц креатор на хакерски софтвер за PlayStation 3, Anonymous направи хакерски напад врз Sony со кој се објавија лични податоци на сите вработени во компанијата. Еден од позначајните напади на Anonymous е и нападот на Amazon, PayPal, MasterCard, Visa and the Swiss bank PostFinance поради стопирањето на поддршката за WikiLeaks и на Џулијан Асанж со што страниците на компаниите беа недостапни неколку часа, а најголема загуба, од дури 1 милијарда долари, имаше eBay поради тесната поврзаност со PayPal. Членовите на Anonymous одлучија да го бојкотираат сервисот на PayPal.

Anonymous се вклучија и во борбата против тероризмот откако им објавија дигитална  војна на ISIS. Илјадници Интернет страници кои ISIS ги користеше за комуникација и за објавување на заканувачки содржини и пропагандни видеа беа пробиени од групата Anonymous. Така, тие во последно време се здобија со политичка тивка поддршка од владата на САД, иако официјално владата не ги поддржува, сепак во последно време не излегува со соопштенија каде се критикуваат дејствијата на Anonymous.

Членовите на Anonymous се борат за социјална правда и како што и самите викаат “Корумпираните ни се плашат, праведните не поддржуваат, храбрите ни се приклучуваат”. Денес, групата Анонимни, има членови од целиот свет, главно интернет активисти кои се борат против интернет цензура, корумпираност на владите, ИСИС … Додека Анонимните се борат за праведни цели, ќе бидат обожувани и поддржувани низ целиот свет од сите оние кои се обесправени. Се надевам дека ќе продолжат да се борат за вистинските каузи и нема да станат оружје на големите корпорации и корумпираните влади бидејќи нивната моќ расте се повеќе од ден на ден.

Претходна статијаTesla Powerwall 2 – втора генерација од батеријата која треба да ги напојува нашите домови
Следна статијаБезжичните Airpods слушалки на Apple конечно достапни за нарачка